ПУСТЕЦ И ПОДГРАДЕЦ СЕ ПРИМЕР ЗА ПАРТНЕРСТВОТО МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ НА ПОСЕТАТА СО КОЛЕГАТА БЕГАЈ

    ПУСТЕЦ И ПОДГРАДЕЦ СЕ ПРИМЕР ЗА ПАРТНЕРСТВОТО МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ НА ПОСЕТАТА СО КОЛЕГАТА БЕГАЈВо Пустец, претседателот се сретна со претставници на Здружението на Македонците од Албанија -Сонце, (Фото: К. Попов)

    Претседателот Стево Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, на покана на албанскиот претседател Бајрам Бегај, денеска е во работна посета на Република Албанија, на општините Пустец и Подградец.

    Во Глобочeни, близу Пустец, Пендаровски и Бегај го посетија Музејот посветен на ликот и делото на албанскиот писател со македонско потекло Стерјо Спасе, а во музејските простории, претседателите и делегациите на двете земји имаа пленарна средба, на која беше изразено задоволство од традиционалното пријателство и засилената соработка меѓу двете земји.

    „Овде е концентриран најголем број на Македонци на подрачјето на Албанија. Жителите на Пустец и учениците имаат одлични услови за образование и настава на мајчин јазик. Оваа пријателска посета е со цел да покажеме дека нашите малцинства кои живеат во други држави ги имаат истите услови за живот, како во своите матични држави. Значи она што Албанците го имаат во Македонија, да го имаат и го имаат и Македонците што живеат во Албанија и обратно“,  побара Пендаровски, додавајќи дека двете држави во однос на грижата за националните малцинства можат да бидат пример за сите.

    При посетата на училиштето, Пендаровски донираше и книги на македонски јазик од Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Живко Чинго и други автори.

    Претседателот на Албанија Бегај кажа општината Пустец е позитивен пример за партнерските односи на две земји.

    „Се разбира дека македонското малцинство во општината Пустец и Албанците во Северна Македонија се многу важни во нашите односи помеѓу двете земји. Албанците во Северна Македонија се многу добро интегрирани во општеството, придонесуваат во создавањето на државата и се активни и во политичкиот и економскиот живот“, рече Бегај.

    Во Пустец, претседателот се сретна со претставници на Здружението на Македонците од Албанија – Сонце, а заедно со Бегај ги посетија и црквите „Свети Архангел Михаил“ и „Пресвета Богородица“ на островот Мал Град во Преспанското Езеро.

    Пендаровски се сретна и со локалните власти и градоначалникот на Ппштина Пустец Пали Колефски, а ќе ја посети и Општината Подградец на средба со градоначалникот Илир Џаколи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира