Незаконски се отпуштени вработените во ЈП „Комунална хигиена” за кои директорката Косана Мазнева-Николиќ велеше дека не оделе на работа и се мафијаши. Инспекторатот за труд по пријава на избрканите спровел инспекциски надзор кој покажал дека нема основ за нивно бркање.
„Ве известуваме дека Државниот инспекторат за труд по поднесената преставка од вработените во ЈП ‘Комунална хигиена‘ Скопје на кои им беа дадени откази, со обезбедена бесплатна правна помош од СУТКОЗ и ССМ, донесе инспекциска мерка со која менаџментот на ЈП ‘Комунална хигиена‘ Скопје треба да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи одлуките за отказ поради тоа што истите се спротивни на закон и колективен договор”, соопштија од Сојузот на синдикати на Македонија.
Мазнева отпушти од работа триесетина лица, при што против неа беа организирани протести во претпријатието, а ѓубрето во градот три дена не се собираше.
А. АНТЕВСКА