Познат австриски антиваксер признал дека во багажникот се наоѓа телото на неговата сопруга откако сообраќајната полиција го запрела неговото возило кај градот Ансфелден во сојузната покраина Горна Австрија. Професионалниот градинар Флоријан О. (39) организираше протести против коронамерките и јавно ги банализираше нацистичките злосторства.
Тој бил баран од полицијата откако не се појавил на последното судење за говор на омраза. Според австриските медиуми, Флоријан О. патувал со трите деца, а кога полицајците му ги побарале документите, тој им рекол:
„Знам дека ме бараат. Немам возачка дозвола, но имам леш во багажникот“.
Кога го отвориле багажникот, полицајците го пронашле телото на 38-годишната Тања О., замотано во ленени крпи. Таа боледувала од рак на дојка и одбивала конвенционални методи на лекување, па починала дома. Флоријан ѝ рекол на полицијата дека оделе да ја закопаат во шума.
Флоријан О. ѝ е добро познат на австриската јавност откако организираше 30-ина протести против владините мерки против ковид-19, а на големите демонстрации во Линц беше еден од водачите. За време на пандемијата одбиваше да носи маска и во своите говори ги минимализираше штетите од нацистичката ера.
Во март 2022 беше осуден на една година затвор за клевета, лажно сведочење, навреда и фалсификување докази, но одлежа само три месеци. Тој требаше да се појави на уште едно судење во август 2022 и полицијата оттогаш трагаше по него.