СТАПИ ВО СИЛА ЗАКОНОТ ЗА СВИРКАЧИТЕ

    СТАПИ ВО СИЛА ЗАКОНОТ ЗА СВИРКАЧИТЕ

    Скопје, 18 март, 2016 (САКАМДАКАЖАМ.МК) – Законот за укажувачите од денес стапи во сила. Со него се уредуваат заштитеното пријавување на криминал и корупција, правата на укажувачите, постапувањето и должностите на институциите, односно на приватните фирми и компании во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

    Донесувањето на овој закон беше обврска што произлезе од договорот од Пржино од јуни/јули минатата година.

    Ќе се пријавуваат сите казниви дела кои го загрозуваат јавниот интерес. Јавниот интерес, пак, во Законот се дефинира како заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на РМ. Натаму, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

    Овој Закон бара правните лица со најмалку 10 вработени, да го усогласат своето работење во однос на заштитеното пријавување и обезбедување на заштита на пријавувачите.

    Одредбите од Законот предвидуваат прекршочни санкции, глоби во износ од 2.000 до 6.000 евра во денарска противвредност, како за јавната администрација, така и за компаниите, за постапување спротивно на обврските на Законот, кои, меѓу другото, се однесуваат на донесување на внатрешни акти за заштитено пријавување, назначување на овластено лице за прием на пријави од укажувачи и постапување по пријавите во согласност со воспоставените процедури.

    Вчера стапија во сила Правилниците за заштитено пријавување, кои ги донесе Министерството за правда и без кои овој Закон не може да се применува.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира