ЛАНИ ВО ЗЕМЈАВА ИМАШЕ 83 НОВИ БОЛНИ ОД ХЕПАТИТИС, ЛЕКОТ ЗА ХЕПАТИТ Б УШТЕ НЕ Е НА ПОЗИТИВНА ЛИСТА

    ЛАНИ ВО ЗЕМЈАВА ИМАШЕ 83 НОВИ БОЛНИ ОД ХЕПАТИТИС, ЛЕКОТ ЗА ХЕПАТИТ Б УШТЕ НЕ Е НА ПОЗИТИВНА ЛИСТАНа Плоштадот денеска се вршеа превентивни прегледи за хепатитис. (Фото: К. Попов)

    Во земјава лани биле евидентирани 83 нови болни од хепатитис, од кои најзастапен е хепатитис Б со 43 случаи, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, на одбележувањето на Светскиот ден на хепатитисот. Меџити додаде дека земјава тежнее кон тоа да се исполнат целите на Светската здравствена организација (СЗО), за глобална елиминација на хепатитисот до 2030 година.

    Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија д-р Калина Гривчева-Старделова рече дека на Клиниката има терапија за 63 пациенти со хепатит Ц, а терапијата за хепатит Б уште не е на позитивна листа. Министерот на тоа додаде дека при крај е формирање на комисијата која треба, после 15 години, конечно да направи ажурирање на листата.

    Според директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ, кај нив доаѓаат околку илјада хронични пациенти со хепатитис Б и Ц.

    Д-р Светозар Антовиќ од Дигестивна хиругија кажа дека досега во земјава се извршени три трансплантации на црн дроб, а на листата на чекање се 15 пациенти.

    „Еден од најголемите предизвици во борбата против хепатитисот е превенцијата и раното откривање. Затоа, со голема посветеност ја претставуваме нашата мобилна единица, која ќе обезбедува тестирање за хепатитис Б и Ц, како и ХИВ и еластографија неинвазивна дијагностика базирана на ултразвук која се користи за мерење на (лузни) оштетувања на црниот дроб или фиброза предизвикани од најразлични заболувања на црниот дроб во осум градови во нашата земја: Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Струмица и Штип. Оваа иницијатива ни овозможува да стигнеме до поголем број на луѓе и да го препознаеме заболувањето во рана фаза, што е од суштинска важност за успешното лекување“, рече Милан Мишковиќ од  Здружението „Хепар Центар“  Битола.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира