Москва и утрово беше нападната со дронови, при што еден облакодер беше погоден вторпат во последните два дена, изјави градоначалникот Сергеј Собјанин.
„Неколку дронови беа соборени ноќеска, но еден удри во истата кула од деловниот комплекс ‘Москва‘ која беше погодена и во неделата. Оштетена е стаклената фасада на зградата, но нема повредени“, изјави Собјанин.
Руското министерство за одбрана ја обвини Украина и за овој напад.
„Противвоздушната одбрана собори уште два дрона во московскиот регион, со што беше спречен украински терористички напад“, соопшти министерството за одбрана.
Меѓународниот аеродром „Внуково“ беше привремено затворен поради нападот.
Иако Киев досега не преземаше директна одговорност за нападите во внатрешноста на Русија, претседателот Зеленски вчера изјави дека нападите на руската територија се неизбежен, природен и праведен процес во војната.
Русија истовремено кажа дека спречила напад на два нејзини брода од црноморската флота, што се случило 340 километри од Севастпол.