Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска кажа дека разговарал со министерот за финансии Фатмир Бесими околу можноста, да не се бара согласност од Министерството за финансии за вработувања во здравствените интституции.
„Уште од прв ден од моето доаѓање на функцијата побарав да се реши хаосот со вработувањата. Не ми беше јасно зошто секогаш треба Министерството за финансии да даде согласност за вработувања во здравството. Некој здравствен работник ќе се пензионира, некој ќе замине од државата или во друга клиника. Зошто тие места по автоматизам да не се надоплонуваат? Ние одлучивме со министерот за финансии, тој имаше разбирање, за тоа Министерството за финансии да не одлучува, туку самите институции да имаат надлежност за тоа. Ако во Министерството за здравство има резервирано таков буџет во тие здравствени институции, тогаш нема потреба да се бара согласност од Финансии“, рече Меџити на денешната прес-конференција за формирањето комисија за ажурирање на позитивната листа на лекови, без да прецизира од кога ќе се практикува тоа.
Меџити додава дека со тоа, ќе се скратат процедуралните и административни постапки со кои се одзема многу време, а на сите здравствени установи во земјава постојано им треба кадар.
Б. НЕСТОРОСКА