Владата одлучи да се формираат две нови национални установи од областа на културата „Десет дена Крушевска Република“ и „Денови на Смилевскиот конгрес“, соопшти Владата, и рече дека се формирани на предлог на Министерството за култура.
Со одлуки на Владата, за неполна година се формираа и уште пет други национални установи како: Музички театар во Тетово, Камерен оркестар на Битола во Битола, Национален џез-оркестар, Галерија на Гостивар во Гостивар, Центар за култура на турската заедница. Лани, Владата на 15 декември одлучи да се основа Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес во Смилево.
Двете нови институции во пресрет на 2 Август, кога државата го слави Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ, како што вели Министерството, кое е предлагач на иницијативите, ќе ги афирмираат личностите и настаните поврзани со Илинденскиот период и со македонската државност.
Иницијативата за основање на установата „Десет дена Крушевска Република“ е со цел поттикнување на творештвото на современиците инспирирано од Илинден и борбата на македонскиот народ за национално ослободување и за афирмација на Македонија. Националната установа (НУ) Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“ Крушево, ќе биде сместена во објектот на НУ Историски Музеј во Крушево.
Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ годинава ќе го има 55. издание, а со владината одлука од општинска станува државна. Се отвора традиционално на 1 август на платото пред Македониумот на Гумење и трае до 10 август, а како и лани и годинава на отворањето ќе говори премиерот Димитар Ковачевски.
Се предвидува НУ, Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ да ги одбележува деновите на Смилевскиот Конгрес, како историски настан од значење за македонскиот народ и за спомените за Даме Груев. Ќе биде сместена во објект во село Смилево, што е во сопственост на Македонија, односно во некогашната куќа на револуционерот Даме Груев.
Смилевскиот конгрес е одржан од 2 до 7 мај 1903 година во Смилево, Демир Хисар. Овој Конгрес, според одлуките што ги донел, претставува една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание.
„Со тоа, Смилевскиот Конгрес е настан длабоко врежан во свеста на македонскиот народ, што трајно ја определил неговата иднина. А спомените за ликот и делото на Даме Груев, како и други историски личности и настани, се постојан потсетник за поставувањето на темелите на македонската државност“, вели Министерството за култура.
Б. НЕСТОРОСКА