Крушевската Република, која навистина имаше краток, десетдневен век, сепак, беше индикатор и пресвртница во историјата на остварувањето на вековниот сон за слободна и независна држава, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска на Мечкин Камен, на одбележувањето на 120-годишнината од Илинденското востание.
Во празничиот говор Џафери кажа дека Крушевскиот манифест, беше документот во кој авторот и водачите на Илинденското востание, Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и други знајни и незнајни херои покажаа дека имаат високо развиени цивилизациски вредности и принципи за заедништво, толеранција и почитување на човековите права и слободи, без разлика на вера, етничка припадност, пол или социјален статус.
„Свртени сме еден кон друг и во добро и во лошо и верувајте, тоа заедништво – нема цена! ‘Цело е кога има сѐ’, не е само празна флоскула. Цело е кога сите се задоволни, среќни, успешни, лојални и вредни, пред сѐ – со љубов кон татковината.
Европската идеја од пред 120 години од Крушевскиот манифест за слобода, обединување и просперитет на сите е веќе на дофат. Сега, Република Северна Македонија, граѓаните и во прв ред политичките фактори во земјата се пред уште една голема и одлучувачка одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година, или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој нѐ не води никаде, е избор кој што треба да се донесе со надминување на хировите, согледување на реалноста и излегување од тесните и себични партиски интереси кои ветуваат некаква друга иднина која и за најголемите оптимисти е нереална фатаморгана. Ова не се времиња за наивни надмудрувања кои ќе резултираат со крајно иреверзибилни последици од кои никој потоа нема да може да се извлече. Време е за разум, време е за одговорност и висока свест и совест и да се донесе најдобрата одлука за иднината на државата и граѓаните. Колку и да е тешка, тоа е сепак државничка одлука и мора да се преземе одговорност“, кажа Џафери.
Претседателот на Собранието кажа дека иднината ќе потврди дали е донесена правилната одлука, дури и да биде тоа по цена на некој иден политички пораз, по цена на позитивни или негативни реперкусии.
„Затоа што, во денешен контекст, ако ги анализираме некогашните историските одлуки, а ги имало многу, и тогаш имало такви кои сметале дека биле погрешни но, времето и актуелниот признат и почитуван статус на Република Северна Македонија во меѓународен контекст потврдува дека биле вистинските одлуки“, рече Џафери.
На прославата на Мечкин Камен во Крушево настапија и две национални установи, Ансамблот за народни песни и ора „Танец“ и Ансамблот на албански народни ора и песни.
Б. НЕСТОРОСКА