„Едвард Втори“ е првата драмска премиера на годинашното Охридско лето, а ќе се изведе вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот. Оваа копродукција на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и драмскиот театар „Масалтинов“ од Пловдив е работена според дело на Кристофер Марлоу, а режисер е Андриј Жолдак.
„Макотрпно работевме цели два месеца низ еден интензивен и многу жесток процес, преку кој стигнуваме до завршен резултат поразличен од сето она што нашиот театар досега го продуцирал“, кажа директорот на Велешкиот театар, Сашо Димоски.
Главниот лик Едвард Втори е поделен на две улоги кои истовремено ги реализираат двајца актери, Илин Јованоски и Бугаринот Борис Крстев. Главната женска улога, која воедно е и перспективата од која се гради целата претстава, ѝ е доделена на Јована Миладинова, која дебитира на театарските штици.
„Беше напорно, но ова е едно прекрасно искуство кое нема да го заборавам до крајот на мојот живот. Со режисерот Андриј воспоставивме една многу искрена врска. Тој секогаш ни вели дека најважна е довербата помеѓу актерот и режисерот“, рече Миладинова.