Колумбијци се шестте лица кои се уапсени во врска со убиството на еквадорскиот претседателски кандидат Фернандо Вилависенсио, соопшти полицијата. Седмиот осомничен, кој почина вчера од повредите во престрелката со полицијата, исто така беше Колумбиец. Вилависенсио беше убиен на заминување од предизборен настан во главниот град Кито.
Министерот за внатрешни работи рече дека е во тек полициска истрага за „гнасниот настан“ и се работи на „откривање на мотивот на ова злосторство и оние што го смислиле“. Министерот рече дека во полициската рација која резултирала со апсење на шестмината,најдени се пушка, автомат, четири пиштоли, три гранати, четири кутии со муниција, два мотора и возило за кое било пријавено дека е украдено.
Гласен критичар на организираниот криминал, пратеникот во националното собрание Вилависенсио беше еден од ретките претседателски кандидати што обвини за врски меѓу корупција и владини функционери. Минатиот месец добил закани од банда која се нарекува Лос Чонерос и добил обезбедување.
Претседателот Гиљермо Ласо рече дека атентатот бил обид за саботирање на изборите. Тој додаде дека гласањето ќе се одржи како што е планирано на 20 август, и покрај националната вонредна состојба. Рече дека организираниот криминал стои зад убиството и побара од американските федерални агенти да помогнат во истрагата, а наскоро треба да пристигнат агентите на ФБИ.