Во штипската населба Сењак, гаражен простор од 2 на 4 метри уште пред петнаесетина години бил преадаптиран во кондураџиски дуќан. Типична мини-чевларска работилница, како што денес ретко ги има не само во Штип, туку и во други градови. На едната страна од работилницата „Ване чевларот“ на штипскиот мајстор Ванчо Ристов се специјализираните машини за шиење обувки стари и по еден век, а на другата страна е големиот рафт на кој со години стојат обувки од најразличен вид, претежно спортски патики, поправени, но оставени или заборавени од оние кои заминале во странство.
„Луѓе, иако ретко, сепак ми носат најразлични обувки за поправка, чевли за крпење, ама потоа некои од нив со месеци па и години ги нема. За тие што ги знам дознавав дека заминале во странство, а на обувките заборавиле поради животните проблеми. На почетокот од секоја година се ослободував од заборавените чевли што со години стоеја на рафтот, но во последно време некои чувам зашто имаше случаи кога некои по две, па и три години доаѓаа и си ги бараат чевлите. Сепак, немам големо депо, па дел од понеквалитетните обувки кои ги чувам повеќе од една или две години, иако поправени ги фрлав“, вели единствениот штипски регистриран кондураџија Ристов.
Во неговиот дуќан, на другата страна од рафтот, успешно функционираат старите, ама како што вели, вечно квалитетните специјални машини од познатата марка „сингер“ , едната стара еден век, другата половина од тоа. Првата за шиење на внатрешноста на кондурата, другата за шиење од надворешната страна.
„’Сингер’ си е марка, тоа е стара фабрика за вакви специјализирани машини, број еден за занаетчиството и кај нас. Машините што редовно ги одржувам, ги чистам, подмачкувам добро ме служат. Добар занатечија е уште подобар ако има алат и специјализирани машини“, вели Ристов.
Ристов е единствениот кондураџија кој остана во Штип да пркоси на одумирањето на чевларскиот занает и воопшто на занаетчиството во градот. Шеесет и тригодишниот кондураџија во Штип повеќе од 40 години работи на овој занает, а во последните петнаесетина години е еден од ретките и можеби единствениот самостоен и регистриран чевлар како мајстор за поправка на оштетени обувки.
„Во 1981 се вработив во фабриката за обувки ‘Баргала’ во Штип каде го изучив чевларскиот занает. Потоа работев кај повеќе приватни мини фабрики за обувки, а неколку години на истиот занает работев и во Кочани. Сепак, во 2010 одлучив да бидам самостен чевлар со свој дуќан во Штип“, вели тој.
„Располагам со потребниот материјал за замена на оштетените подметки и со квалитетен лепак за нивно зацврстување на чевлите. Замена на флекници или лепење на скинати ременчиња денес никој не работи во Штип. Јас им излегувам во пресрет на луѓето кои не можат во секое време да се купат нови обувки. Ретко од побогатите дошле кај мене. Само неколку познати бизнисмени во Штип побарале помош за нивните уникатни чизми што некаде скапо ги купиле. Младите денес избегнуваат да поправаат кондури“, вели Ристов.
Како кај секој занаетчија, така и кај единствениот штипски крпач на кондури во секое време има по некој пријател на муабет. Се случувало по цели денови да нема муштерии.
„Занатечиството изумира. На пример, шивачи во Штип знам само еден, а за други специфични занаети и да не зборуваме, одамна ги нема. Единствено со времето се борат фризерите и берберите. Во Штип ги има неколкумина“, вели Ристов кој апелира до младите да почнат да го изучуваат неговиот занает.
„Пред пет-шест години ме викнаа од Бирото за вработување и ме информираа за некаков проект за извесен паричен надомест да обучувам млади кадри. Јас месечно да добивам по 30 илјади за обука, а кандидатите од нив да добиваат по 9.000 денари заработувачка со платено осигурување и придонеси. Ми рекоа, кога кај нив ќе се јавел некој заинтересиран ќе ме известат. Но, до денес за ништо не сум информиран, ниту за тоа дали имало заинтересирани или не, и што се случило со парите од тој проект. Јас сум подготвен и сега да обучувам млади кадри“ ,вели Ристов.
Разочарен е и од Регионалната занаетчиска комора која, според него, нема никакви активности ниту пак се заинтересирала некогаш да слушне како тој како кондураџија работи и што е потребно да се преземе да се спречи одумирањето на неговиот и останатите занаети, затоа што во минатиот век во Штип имало над педесетина занатечиски дуќани и стотина мајстори, калфи и чираци.
„Како самостоен чевлар работам повеќе од 13 години. За прв и последен пат, дури пред четири години дојде преставник на Занаетчиската комора, но не за друго туку да остави каленадар за 2019 година. Стои и денес. Мислам да продолжам како занатечија сè додека можам и ако ме послужи здравјето ќе работам и кога ќе заминам во пензија. Реков, заработувам за крпен живот, но од крпачкиот чевларски занает не се откажувам “, вели Ристов.
Т. ЈОВАНОВСКИ