НЕМА ДА ИМА НОВО ВЕТО ПО ИЗГЛАСУВАЊЕ НА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ

    НЕМА ДА ИМА НОВО ВЕТО ПО ИЗГЛАСУВАЊЕ НА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕКовачевски во Собранието повика да се прифатат измените за влез на Македонија во ЕУ за седум години. (Фото: К. Попов)

    Предлогот за пристапување кон измена на уставот на Македонија, на предлог на Владата, беше ставен на дневен ред на денешната собраниска седница, прва по летната ферија.

    Одлуката за пoтребата за носење на уставни измени се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број од пратениците, што значи со најмалку 80 гласа. За дневниот ред гласаа 70 пратеници, што е сигнал дека за уставните измени фалат 10 пратеници.

    Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека по изгласувањето на уставните измени ново вето за Македонија нема да има.

    Во основа на оваа иницијатива за измена на Уставот, рече тој, е највисокиот државен приоритет – интеграција во Европската унија, која е нашиот механизам за да се подобриме, но и да се зачува нашиот идентитет и самостојност.

    Повика да се прифатат измените за влез на Македонија во ЕУ за седум години.

    „Предлогот за измена на Уставот е наш, македонски, напишан во Скопје, базиран на францускиот договор од 2022 година. Затоа отфрлам лаги дека е под нечиј диктат. Предлогот е поддржан од ЕУ и од НАТО. На македонски јазик се пишува во Брисел, зад нас застанаа најголемите и најпочитувани. ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата го плашат народот со катастрофи, а се работи само за додавање после босанскиот, на бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот и египќанскиот народ. Нема да се загрози и релативизира македонскиот народ. Уставните измени не загрозуваат ниту едно идентитетско прашање на Македонците”, кажа Ковачевски и додаде дека денеска е денот кога ќе се види кој е за ЕУ, а кој не.

    Откако аргументираше дека ЕУ со стотици милиони евра е најголемиот донатор во Македонија, тој кажа дека земјите членки на ЕУ добиваат 11 пати повеќе пари по глава на жител од земјите кандидати.

    „Младите не се иселуваат заради Уставот. Тие не легнуваат и не стануваат со мисла за Уставот, туку со желба да порасне стандардот и да се живее поубаво и побогато во Македонија, за да не одат во странство”, кажа Ковачевски.

    Пратениците од власта му аплаудираа на нозе, по што почна пријавувањето за дискусија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира