Преку фирми од Белгија, Македонија деновиве увезла жабји батаци од земји кои имаат легално и развиено фармерско производство на жаби. Целокупното увозно-извозно стопанисување со жаби и нивното контролирање и евентуално санкционирање е во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство, од каде и покрај нашите обиди не успеавме да добиеме податок колку жаби годишно се увезуваат во Македонија.
Сепак, дознаеме дека единствената увозна компанија за разлика од претходниот увоз на жаби од два тона пред три години, сега увезла значително помалку затоа што понудата била крајно мала наспроти големата увозна побарувачка на светската берза. Оттука увозната компанија како главен дистрибутер во Македонија не била во можност да ги снабдува другите заинтересирани фирми, па минималниот увоз бил само за сопствените потреби.
Последните увозни набавки на жаби се извршени преку една компанија од Пробиштип која е единствена фирма во Македонија која врши увоз на жаби. Оваа компанија засега ги нуди жабите како специјалитет во своите угостителски објекти по цена од 600 денари за сервирана и аранжирана чинија со 350 грама приготвени жабји батаци. Останатите кои набавувале жаби на диво и од домашните диви ревири и не се од легални жабарници, а и ги нема во Македонија, биле строго контролирани и сакнционирани, доколку се фатат затоа што терените каде тие делуваат се непристапни. Порано и глобите изнесувале 3.700 евра, а денес се незначителни.
Домашното легално или диво ловство на жаби како гранка е под ингеренции на Државниот инспекторат за земјоделство. Од Секторот за риболовство и аквакултура велат дека во Македонија уште нема фармерско производство на жаби, што значи нема жабарници, но присутен е нелегален улов на жаби, па на црно еден килограм жабји батаци од поранешните 300 до 400 денари за килограм денес достигнува цена од 1.000 до 1.300 денари. Во рестораните еден килограм жабји батаци чини 1.800 денари.
Споредено, кило жабји батаци веќе има цена речиси како кило охридска пастрмка која не е увозна, туку е автохтона. Исто така, воопшто не може да се споредува жабата од увоз која е со сите потребни сертификати за квалитет и исправност со домашната жаба, која се лови во загадените мочуришни предели кои се контаминирани со пестициди, па отука нема никаков параметар за споредба за еколошка чистота на увозната со домашната жаба.
Дозволата за риболов важи и за лов на жаби. Главни ревири на жаби во Македонија се покрај Дојранското Езеро, околината на селото Николиќ и Кочанското Поле, односно каналската мрежа покрај оризовите површини и реката Брегалница каде жабокрадците ловат и со трска.
„Се намали бројот на жаболовците, а и жабата е некако истребена. Цената на црно е зголемена, но и самиот жаболов е недозволен и станува опасен, ако се фаќа без дозвола за лов. Како спорт или како бизнис е тежок затоа што терените се непристапни. Жаболовците денес на прсти можат да се избројат. Се намали нивниот број затоа што луѓето се плашат од контролите и казните, но и самиот лов е макотрпен. Гледате и со високи чизми тешко е прооден овој терен“, вели жаболовец кого го затекнавме покрај регионалниот пат и оризовите канали кај селото Облешево како со трска и јадица фаќа жаби.
Сегашните инспектори во овој сектор се недостапни и за овие и други теми воопшто не сакаат да разговараат затоа што велат дека им требале посебни одобренија од нивните раководители и претпоставени. Затоа се потпревме на информации од пензионирани инспектори, но и тие не сакаат да останат анонимни.
Генерално, сите наши соговорници беа единогласни дека се големи противници на жабокрадците затоа што тие со нивниот недозволен улов ја уништуваат и флората и фауната. Познато е дека жабата воопшто не е штетно животно, напротив е корисно. Жабите како водоземци се чистачи на природата, бидејќи најмногу се хранат со штетни инсекти, како што се мувите, комарците и разни мушички.
Тие објаснуваат дека во поново време се случиле големи законски измени кои ја регулираат материјата за лов и промет на жаби и нивна употреба како храна. Дозволено е да се лови жаба за свои потреби само ако се поседува дозвола за лов на риба која истовремено важи и за жабите, раковите и сличните на нив. Законот за рибарство и аквакултура го уредува управувањето, стопанисувањето и аквакултурата на рибите, а со тоа и на жабите и раковите и нивната заштита и ставање во промет.
Но, казнената политика пред неколку години била драстично олабавена и целосно оди во прилог на рибокрадците, а со тоа и на жабокрадците, па денес тешко може да се откријат и адекватно казнат сторители кои без дозвола и на недозволен начин ловат риби или жаби.
„Ако фатите рибар или жабар, а во мрежата нема ниту едно парче риба или жаба, со новите законски измени контролираните се ослободуваат од одговорност и згора на тоа и да има таков случај новите прописи предвидуваат за првото прекршување да се добие само опомена, односно ако го повтори делото дури тогаш може да се изрече предвидената глоба која е симболична како казна за рибокрадците или жабокрадците“, велат пензионирани инспектори.
Порано, угостителските објекти кои легално од странство набавиле обработени жаби ги нуделе на потрошувачите. Денес угостителските објекти кои нудат легално мени се во рамките на увозникот, а останатите тајно нудат жабји батаци и како специјалитет воопшто го немаат во менијата туку е за посебни и проверени гости, надвор од очите на инспекторите.
Неколку европски земји претежно од Медитеранот исто така имаат увоз на жабји батаци и во угосителските објекти ги нудат како специјалитет. Увезуваат затоа што сопственото фармерство на жаби е недоволно.
Т. ЈОВАНОВСКИ