АРСОВСКА БАРА ДА СЕ ВРАТИ СПОМЕНИКОТ НА ЌОСЕТО, НО НЕ ПРЕД СУДОТ ТУКУ КАЈ ХОТЕЛОТ „КОНТИНЕНТАЛ“

    АРСОВСКА БАРА ДА СЕ ВРАТИ СПОМЕНИКОТ НА ЌОСЕТО, НО НЕ ПРЕД СУДОТ ТУКУ КАЈ ХОТЕЛОТ „КОНТИНЕНТАЛ“Арсовска за Ќосето, ликвидаторот на ВМРО, вели дека станува збор за „еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство“. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска ќе го враќа споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето кој беше отстранет од пред комплексот судови од нејзиниот претходник Петре Шилегов. Арсовска вели дека доставила иницијатива до Советот на Град Скопје „за повторно поставување на спомен-обележјето на македонскиот револуционер Ќосето“. Предлага да се стави на нова локација, кај хотелот „Континентал“ односно на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и булеварот Беласица, североисточно од кружниот тек.

    Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство.Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана. Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да се оддолжиме на луѓето кои го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија, да ги паметиме и чествуваме хероите од кои ниту еден не смее да биде заборавен“, напиша Арсовска попладнево на својот фејсбук профил.

    Арсовска, неколку месеци по стапување на функцијата, кажа дека ќе го враќа споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953) со кама в рака, познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил и брата си. Во април годинава достави барање до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на споменикот на истата локација од која беше тргнат.

    По ова, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ѝ одговори на Арсовска дека се обраќа на погрешна адреса односно треба да бара согласност за поставување на споменикот од Собранието. Според Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување на споменици се наоѓаат во Собранието, додека Општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира