Четиринаесетмина луѓе починаа и потврдени се повеќе од 150 случаи на легионерска болест во југоисточна Полска. Многумина од заболените биле примени во болница откако ширењето било регистрирано минатата недела. Денеска се потврдени девет нови случаи.
Властите сè уште испитуваат како бактеријата легионела завршила во водоводниот систем во Жешов и во неговата околина. Овој град е центар за достава на хуманитарна и воена помош во Украина и во него има големо присуство на американската војска.
„Досега не сме добиле информација која укажува дека имаме работа со саботажа“, изјави Станислав Зарин од владиниот комитет за информациска безбедност.
Легионерската болест е сериозно заболување на белите дробови кое се пренесува преку вдишување на ситни капки заразена вода. Луѓето можат да се заразат при туширање, пуштање вода во веце или од клима-уреди. Болеста која првпат беше идентификувана во 1977 година во Филаделфија не се пренесува од човек на човек. Првичните симптоми наликуваат на грип и во особен ризик се лицата над 50 години и оние со ослабнат имунолошки систем. Многумина од починатите биле стари лица.