Во Германија повторно се зголемува бројот на болни од ковид-19 како што летото се приближува кон крајот, но претседателот на Германското лекарско здружение ги смирува стравувањата.
„Коронавирусот е вирус со кој развивме одреден соживот“, изјави Клаус Рајнхард и додаде дека во моментов не е потребно повторно воведување задолжителни мерки за носење маски.
Засега, рече тој, луѓето сè уште можат сами да одлучат дали да носат маска или не.
Ковид-19 не е единственото респираторно заболување кое вообичаено забележува пораст во есен и зима, бидејќи тоа важи и за грипот и за респираторно синкитијалниот вирус (РСВ), рече тој. Овој благ пораст на случаи на коронавирус сигурно ќе ги оптоварува болниците и клиниките низ Германија уште еднаш оваа година, рече Рајнхард.
Тој советува да се остане дома и да се избегнува мешање со луѓе неколку дена при појава на симптоми од акутна респираторна болест.
Бројот на потврдени случаи на ковид-19 во Германија повторно е во пораст околу еден месец, иако на релативно ниско ниво, според германската агенција за контрола на болести, Институтот Роберт Кох (РКИ). Според податоците, околу четвртина од луѓето кои страдаат од ковид-19 биле хоспитализирани во изминатите недели. Пријавените случаи претставуваат само мал дел од реалните инфекции со ковид, бидејќи многу благи случаи остануваат неевидентирани.
Европската комисија соопшти дека ја одобрила ажурираната верзија на вакцината за ковид-19 развиена од „БионТек-Фајзер“. Адаптираната вакцина Комирнати XBB.1.5 е изменета по третпат за да одговори на новите варијанти на ковид-19 и е одобрена за возрасни, деца и доенчиња над 6 месеци, соопшти Комисијата во петокот. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) во своето последно ажурирање соопшти дека случаите на ковид-19 во ЕУ растат, но стапката на зараза останува на ниско ниво.
„Ковид-19 ќе циркулира паралелно со сезонскиот грип во текот на претстојната есенска и зимска сезона и треба да бидеме подготвени“, рече еврокомесрката за здравство Стела Киријакидес.
Одобрението беше брзо за да им се овозможи на земјите на ЕУ подобро да ги подготват своите претстојни кампањи за вакцинација, рече Комисијата.