Францускиот актер и режисер Матје Касовиц се наоѓа во сериозна состојба по мотоциклистичка несреќа во реонот на Париз. Педесет и шестгодишната ѕвезда на филмовите „Омраза“ и „Амели“ била на обука за возење мотоцикл кога се случила несреќата, кажа полицијата.
Француските медиуми објавија дека Касовиц се подготвувал за нова филмска улога и дека неговата состојба е загрижувачка, зашто има повреди на главата и фрактура на карлицата. Меѓу очевидците на несреќата била една од неговите ќерки, која возела мотоцикл зад него како инструкторка.
Касовиц го напиша сценариото и го режираше „Омраза“ (La Haine) на 27 години. Филмот, во кој тој ја има и една од главните улоги, следи тројца мажи за период од 24 часа за време на нереди во Париз. Касовиц беше награден за најдобра режија на Канскиот фестивал.
Тој исто така имаше главни улоги во „Амели“, „Минхен“ на Спилберг и во новата француска серија „Биро“, која стана светски хит.