КОЛЕКТОРОТ ОД ЕЛЕН КАМЕН ДО РАДОЖДА ЌЕ ПРАВИ ОГРОМНИ ТРОШОЦИ ЗА ОДРЖУВАЊЕ, ЈП КОЛЕКТОРСКИ СИСТЕМИ БАРА И ЗАСЕБНА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА

    КОЛЕКТОРОТ ОД ЕЛЕН КАМЕН ДО РАДОЖДА ЌЕ ПРАВИ ОГРОМНИ ТРОШОЦИ ЗА ОДРЖУВАЊЕ, ЈП КОЛЕКТОРСКИ СИСТЕМИ БАРА И ЗАСЕБНА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦАСпоред проценките, изградбата на засебната пречистителна станица би чинела околу 800 илјади евра. - Директорот на ЈП „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски (Фото: СДК.МК)

    Доизградбата на колекторот од Елен Камен до Радожда на струшкиот дел од Охридското Езеро ќе прави огромни трошоци за одржување. Потребно е изградба на засебна пречистителна станица, велат од Јавното претпријатие „Колекторски систем“. Бараат да бидат вклучени во целиот проект оти, како што велат, после изградбата тие ги преземаат трошоците за одржување.

    „Средствата се обезбедени но забелешките се дека треба да бидеме вклучени во тој проект со наш стручен кадар и со наше стручно мислење оти праксата е после изградба на било кој колектор истиот биде преземен од наша страна за понатамошно стопанисување односно одржување. Согласно параметрите кои ги имаме добиено во однос на број на население, број на куќи кои се живеат преку цела година на тој дел од Езерото сметаме дека доколку тој дел се приклучи на сегашниот систем многу повеќе ќе прави трошоци по однос на одржување отколку тој да се третира засебно во близина на Радожда“, вели директорот на ЈП „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски.

    Алексијоски вели дека цевководот од новиот колектор ќе користи за собирање на водите од Елен Камен, кои ќе се носат во новоизградената засебна пречистителна станица за Радожда и околината.

    Според проценките, изградбата на засебната пречистителна станица би чинела околу 800 илјади евра, а средствата ќе се обезбедуваат од европските фондови преку ИПАРД 3 програмата или преку кредитно задолжување со што струшкиот дел од Охридското Езеро целосно ќе биде заштитено.

    Покрај изградбата на колекторскиот систем од Радожда до Елен Камен, се прави и санација на постоечкиот колекторски цевковод а ќе се градат и пречистителни станици во Трпејца и Љубаништа на охридска страна. Ваквите активности се предвидени со Планот за управување со Охридскиот регион со што во голема мера ќе се намали загадувањето на езерото, што е клучна препорака на Унеско.

    Општина Охрид изготви проект за изградба на пречистителна станица во селото Трпејца. Оттаму велат дека се работи за поголема инвестиција па во моментот се разгледуваат можностите за искористување на странските фондови за реализација на проектот. Инвестицијата е проектирана на 1,5 милиони евра.

    „Заштитата на животната средина е еден од најважните приоритети на Општина Охрид. Ова особено се однесува на третманот и одведување на отпадните води од крајбрежните населби и отстранување на сите критични точки, како и изградба на пречистителни станици и фекални канализации во дел од населените места“, велат од Локалната.

    Во текот на наредниот период со средства од општинскиот буџет ќе се реши и долгогодишниот проблем со одведувањето на отпадни води во селата Горно и Долно Лакочереј. Во тек е тендерска постапка за изградба на фекална канализација за овие две населени места. Вредноста на проектот е 600.000 евра.

    Од Јавното претпријатие „Колекторски систем“ велат дека проектот за пречистителната станица во Трпејца треба да претрпи одредени измени.

    „Од секојдневната пракса сметаме дека целосно спуштање на канализацијата на плажата, пумпата којашто е предвидена согласно проектот во секој момент може да затаи и цела фекална вода ќе се излева на самата плажа и во водите на Охридското Езеро. Со нашата некултура, со фрлањето на влажни марамици, пелени и што уште не што го среќаваме во нашиот сегашен постоечки систем сигурни сме дека ќе прави огромни проблеи и ќе има излевање на фекалии. Исто така согласно проектот предвидено е песколовец кој дислоцира отпад одма пред препумпната станица на самата плажа а нема пристапен пат. Проблем е и тоа што препумпната станица е предвидена на самата плажа што ќе создава бука“, вели Алексијоски.

    Во тек е и изработка на проект за пречистителна станица во Љубаништа и изградба на нова пречистителна станица во Подмоље со изградба на технички цевковод со што техничката вода би се користела за наводнување на зелените површини во Охрид.

    Алексијески вели дека санацијата на постоечкиот колектор до Подмоље ќе заврши за шест месеци и побара од граѓаните разбирање оти на одредени периоди поради чистење односно снимање, земање мерки и инсталирање на цевка во цевка ќе има излевање на заматена вода преку испустите кои се поставени на колекторот. Зафатот чини 40,5 милиони денари, средствата се обезбедени од владата преку министерството за животна средина.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира