Основното училиште “Д-р Владимир Поледжиноски” во Кичево е реновирано со донација на амбасадата на Јапонија во земјава. Со донацијата од 80.500 евра во училиштето се поставени нови врати и прозорци, а комплетно се реновирани и тоалетите.
„Веруваме дека инвестирањето во образованието е инвестиција во иднината. Јапонија е силно посветена на поддршка на економскиот и социјалниот развој на Северна Македонија, што е важно за да биде целосно интегрирана во Европската унија”, кажа јапонскиот амбасадор во земјава Оцука Казуја, кој денеска присуствуваше на церемонијата организирана во училиштето.
Преку GGP програмата Јапонија досега финансирала реновирање и обезбедување на опрема за повеќе од 75 училишта и градинки, 67 здравствени институции и купи 31 возило за одржување и управување со отпад за 52 општини.
Вкупно Јапонија досега во земјава донирала 8.9 милиони евра во различни сектори како што се развојот на инфраструктурата, подобрувањето на здравството, образованието, животната средина, културата, природните катастрофи, бегалската криза.