ПОПЛАВИТЕ ЗБРИШАА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ЛИБИСКИОТ ГРАД ДЕРНА, ДОСЕГА НАЈДЕНИ НАД 1.000 ТЕЛА

    ПОПЛАВИТЕ ЗБРИШАА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ЛИБИСКИОТ ГРАД ДЕРНА, ДОСЕГА НАЈДЕНИ НАД 1.000 ТЕЛАВластите велат дека конечниот број жртви во Дерна ќе биде многу голем (Фото: Гети)

    Околу една четвртина од источниот либиски град Дерна е збришан од поплавите откако пукнале две брани во налетот на моќната бура Даниел, изјавија од локалната власт. Досега се пронајдени повеќе од 1.000 тела.

    „Тукушто се вратив од Дерна. Ситуацијата станува сѐ потрагична. Таму е голема катастрофа. Тела лежат насекаде, во морето, во долината, под згради… Досега се пронајдени над 1.000 тела, но конечниот број жртви ќе биде многу, многу голем. Не претерувам кога велам дека снема 25% од градот. Многу згради се уништени“, изјави Хишем Шкијуат, член на комитетот за вонредни ситуации и министер за цивилно воздухопловство во источнолибиската влада, која не е меѓународно призната.

    Најголем дел од Дерна, која има околу 125.000 жители, е под вода, а урнати се и четири моста. Покрај Дерна, погоден е и градот Бенгази, од каде што управува источнолибиската влада. Нејзиниот премиер Осама Хамад изјави дека низ земјата има над 3.000 загинати, а илјадници се водат како исчезнати.

    „Веруваме дека бројот на мртви ќе биде поголем од 10.000“, кажа министерот за здравство Отман Абдел Џалил.

    Либија е во политички хаос од соборувањето и смртта на Муамер Гадафи во 2011, при што земјата е поделена помеѓу истокот и западот. Владата во Триполи не го контролира истокот, но испрати помош во Дерна. Египет, Катар, Германија и Иран се меѓу земјите кои понудија да испратат помош.

    Бурата Даниел претходно помина низ Грција, Бугарија и Турција, каде што загинаа повеќе од 20 луѓе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира