Телата што се наоѓаат во потопениот либиски град Дерна почнаа да се погребуваат во масовни гробници. Најмалку 2.300 луѓе загинаа кога воден бран налик на цунами помина низ источниот пристаништен град, откако пукнаа две брани за време на бурата Даниел, која во Либија пристигна од Балканот.
Во услови кога 10.000 луѓе се водат како исчезнати, се очекува трагичниот биланс да расте.
„Ги повикуваме сите млади Либијци, сите кои имаат диплома или медицинска стручност да дојдат да ни помогнат. Ни недостигаат болничари, ни треба помош“, повикаа од локалната власт.
Хуманитарна помош почна да пристигнува, но спасувачките напори се попречени од политичката ситуација во Либија, која е поделена помеѓу две ривалски влади. Дерна се наоѓа во источниот дел, со кој управува меѓународно непризната влада. Меѓу земјите кои најавија или веќе испратија помош се Германија, Италија, САД, Турција, Катар, Иран и Египет.
Експертите веруваат дека прво пукнала брана оддалечена 12 километри од Дерна, испуштајќи вода низ долината, која ја преплавила браната која се наоѓа поблиску до градот. Од источнолибиската влада кажаа дека е збришана една четвртина од градот.
„Околу 1.700 луѓе загинаа во две населби од градот и уште 500 во друга“, изјави Моамад ал-Кабиси, директорот на болницата „Вада“.
Според министерството за внатрешни работи, загинале повеќе од 5.000 луѓе. И од Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина кажаа дека бројот на жртвите ќе биде огромен.
„Можеме да потврдиме од нашите независни извори на информации дека бројот на исчезнати достигна до 10.000“, изјави шефот на нејзината делегација Тамер Рамадан.