НОВООТКРИЕНО ПИСМО ПОКАЖУВА ДЕКА ПАПАТА ПИЈ ЗНАЕЛ ЗА МАСОВНИТЕ УБИСТВА НА ЕВРЕИТЕ И ПОЛЈАЦИТЕ УШТЕ ВО 1942

    НОВООТКРИЕНО ПИСМО ПОКАЖУВА ДЕКА ПАПАТА ПИЈ ЗНАЕЛ ЗА МАСОВНИТЕ УБИСТВА НА ЕВРЕИТЕ И ПОЛЈАЦИТЕ УШТЕ ВО 1942Поддржувачите на Пиј тврдат дека тој тајно им помагал на Евреите (Фото: АП)

    Папата Пиј Дванаесетти знаел детали за обидот на нацистите да ги истребат Евреите во Холокаустот најрано во 1942 година, открива писмо пронајдено во ватиканските архиви, што го побива официјалниот став на Ватикан од тоа време дека информациите што ги имал биле нејасни и непотврдени. Писмото што го објави весникот „Кориере дела сера“ е многу значајно зашто е откриено од ватикански архивар и излезе во јавност со одобрување од Светата Столица.

    Писмото кое потекнува од 14 декември 1942 било напишано од германскиот свештеник Лотар Кениг, кој бил член на антинацистичкиот отпор во Германија и било испратено до личниот секретар на папата во Ватикан, Роберт Лајбер, исто така Германец.

    Ватиканскиот архивар Џовани Коко изјави за „Кориере дела сера“ дека писмото има огромно значење зашто покажува дека Ватикан знаел дека работните логори всушност биле фабрики на смртта.

    Во писмото, Кениг вели дека му било потврдено дека околу 6.000 Евреи и Полјаци се убиваат секој ден во логорот Белзек кај Рава-Руска, град кој тогаш бил во Полска, а денес е во западна Украина.

    Важноста на овој документ произлегува од фактот дека сега со сигурност знаеме дека Католичката црква во Германија го известила папата Пиј Дванаесетти за злосторствата врз Евреите. Папата Пиј го знаел тоа“, вели Коко.

    Во писмото се споменуваат и други логори, како Аушвиц и Дахау и се сугерира дека имало и друга кореспонденција помеѓу Кениг и Лајбер, која или е изгубена или засега не е пронајдена.

    Поддржувачите на Пиј, кој почина во 1958, тврдат дека тој тајно им помагал на Евреите и не се изјаснувал јавно за да спречи влошување на ситуацијата за католиците во окупираната Европа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира