Американската војска побара помош од јавноста во пронаоѓањето на еден од нејзините борбени авиони „Ф-35“ откако пилотот се катапултираше од него. Авионот исчезна вчера попладне додека летал над сојузната држава Јужна Каролина.
Пилотот безбедно слетал со падобран откако се исфрлил од авионот и се наоѓа во болница во стабилна состојба. Сѐ уште е нејасно што се случило, но официјални лица изјавија дека авионот учествувал во несреќа. Тие кажаа дека потрагата по авионот е фокусирана на две езера северно од градот Чарлстон.
„Тимови за одговор при итни случаи и натаму се обидуваат да го лоцираат авионот. Ја замолуваме јавноста да соработува со воените и цивилните власти. Сите кои имаат некакви информации нека ни се јават“, објавија од воената база во Чарлстон.
Од војската кажаа дека засега имаат ограничени информации за несреќата и дека се обидуваат да дознаат повеќе. Вториот авион „Ф-35“ кој летал во исто време безбедно се вратил во базата.
„Ф-35“ е еден од најнапредните борбени авиони на светот и неговата вредност се проценува на 80 милиони долари. Тоа исто така е најголемата и најскапа програма за оружје од овој тип на светот.