Француската модна куќа „Балман“ изгубила десетици парчиња облека што требаше да бидат претставени на Париската модна недела подоцна овој месец, откако камионот со кој биле превезувани бил киднапиран, изјави нејзиниот креативен директор Оливје Рустенг. Тој на Инстаграм напиша дека камионот со 50-ина парчиња од новата колекција на „Балман“ бил украден додека се движел од еден париски аеродром кон седиштето на модната куќа во Париз.
„Нашата испорака беше киднапирана. За среќа, возачот на камионот е добро. Ние повторно ќе направиме сѐ, но ова е големо непочитување“, изјави Рустенг.
„Балман“ треба да ја презентира својата колекција пролет-лето 2024 на 27 септември. Портпаролот на „Балман“ изјави дека париската ревија нема да биде откажана, одбивајќи да коментира за грабежот, бидејќи истрагата е во тек.