Во обид да ги создадат најнапредните форми на вештачка интелигенција и истовремено да задржат контрола над една милијарда луѓе, кинеските научници и нивната влада се свртеа кон човечкиот мозок. Тие конструираат „градски мозок“ за да ги зајакнат компјутерите со кои се скенираат градовите, собирајќи и процесуирајќи терабајти информации од широката мрежа сензори, камери и други уреди со кои се набљудуваат сообраќајот и човечките лица, гласови и однесување.
Опремен со способности за надзор и визуелна обработка моделирани според човечки вид, новиот „мозок“ ќе биде поефикасен, ќе троши помалку енергија и ќе го подобри управувањето, велат неговите креатори.
„Ние го нарекуваме бионичко пресметување на мрежницата“, напиша Гао Вен, водечки истражувач за вештачка интелигенција, во трудот „Градски мозок: Предизвици и решенија“.
Оваа вештачка интелигенција може да ги надмине луѓето во огромен број задачи и да му даде огромна стратешка предност на оној што ја контролира, што доведе до предупредувања од западните експерти дека е потенцијална закана за постоењето на цивилизацијата.
„Вештачката општа интелигенција е ‘атомска бомба‘ на информациското поле и победник во натпреварот помеѓу Кина и САД“, рече уште еден водечки кинески научник на ова поле, Жу Сонгчун.
Постојат големи разлики помеѓу системите за „тесна вештачка интелигенција“ кои се користат сега и кои не можат сами да „размислуваат“ и поамбициозната, вештачка општа интелигенција (АГИ), која може еден ден да биде подобра од луѓето во многу задачи. И американските научници работат на АГИ, но напорите се претежно расфрлани, за разлика од Кина, каде што истражувачките институти добија стотици милиони долари од државата за нејзиниот развој.
Кина планира да биде светски лидер во вештачка интелигенција до 2030 година и таа и науката на мозокот заземаат најмногу место во националниот научен план за 2021-2035.