Азербејџан планира амнестија за сите ерменски борци од Карабах кои ќе го положат оружјето, иако некои воени единици најавиле дека ќе продолжат со отпорот, изјави советник на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев. Етничките Ерменци од Нагорно-Карабах вчера кажаа дека сакаат безбедносни гаранции пред да се разоружаат, откако Азербејџан по 24-часовната воена акција прогласи дека го вратил одметнатиот регион под своја контрола по цели 35 години.
Алиев кажа дека регионот отсега ќе живее во рај како дел од Азербејџан.
„Азербејџан планира да ги амнестира сите борци од Карабах кои ќе го положат оружјето. Правата на етничките Ерменци од Карабах ќе бидат почитувани како дел од нивната интеграција во Азербејџан. Сепак, има некои армиски групи и офицери кои јавно кажаа дека нема да ги прифатат нашите услови и ќе продолжат со отпорот. Гледаме дека некои мали групи се повлекуваат во шума, но не ги сметаме за голем безбедносен предизвик“, кажа советникот на Алиев за надворешна политика Хикмет Хаџиев.
Карабах е меѓународно признат како дел на Азербејџан, но од војната за отцепување во почетокот на 1990-ите уживаше фактичка независност. Враќањето на Карабах под контрола на Азербејџан беше сон на претседателот Алиев, кој вети дека тамошните Ерменци ќе добијат целосни образовни, културни и верски права.
Многумина од 120.000 Ерменци во Карабах велат дека се чувствуваат напуштено од Русија, западот и од самата Ерменија и дека стравуваат од прогон. Ерменскиот премиер Никол Пашињан изјави дека земјата е подготвена да прифати околу 40.000 бегалци од Нагорно-Карабах.