1 Добро, јасно ли ни е нам, на македонските граѓани што останавме да живееме тука, дека утре и Албанија ќе нè малтретира на граничните премини, како што сега нè тормозат по граничните премини на ЕУ? Не дека нè мразат, не дека сакаат да нè малтретираат, туку ќе мораат. Исто како што ќе мораат и Црногорците. Исто како што сега нè гњават на влез во Хрватска, најпријателската земја од ЕУ. Не дека сакаат, туку дека мораат. А Македонија пред нив, во 2001 година, ја потпиша Спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ.
Всушност, Македонија беше прва од земјите на Западен Балкан што ја потпиша таа Спогодба. Ама сега тоа не е важно. Сега е важно дека ние нема да добиеме патоказ за ЕУ, што и да значи тоа, како што ќе добијат Црна Гора и Албанија. Тие веќе преговараат, а ние не. Сега сме ставени во групата со Србија, Босна и Херцеговина и Косово, држави кои честопати не сакаат да се видат меѓу себе, Србија којзнае дали воопшто и сака да влезе во ЕУ, Босна и Херцеговина цело време стравува дека е на работ на распад, а Косово не е ни членка на Обединетите нации и не е призната од пет земји на ЕУ.
Тргнати сме на страна. Како во основно школо, кога немирните деца ги ставаа по казна да стојат во ќош. А не сме баш толку немирни.
Уште колку години имаме да изгубиме пикнати во ќошето?
2 Премиерот Христијан Мицкоски по посетата на претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен изјави: „Не можам да кажам дека сум задоволен од пораките кои што ги испрати претседателката на ЕК. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа која што е прифатена од претходната влада“.
До кога ќе се правда Мицкоски дека тоа го сторила некоја друга влада и дека тој е незадоволен?
И јас сум незадоволен. Сто пати сум напишал дека Бугарите не заслужуваат место во нашиот Устав како државотворен народ затоа што Бугарија отсекогаш, а и сега, се бори баш против македонската државност. Сто пати сум напишал дека Европската унија не е фер кога прифати во процесот на пристапување кон ЕУ да дозволи отварање дебата дали постои македонски народ што зборува македонски јазик. И сто пати сум напишал дека барањата на бугарската држава, не само на онаа фашистичката од Втората светска војна, туку и на оваа демократскава, што е членка на ЕУ, едноставно се непријателски кон македонската држава и особено кон македонскиот народ.
Нека извини Мицкоски, ама премиер е. Му се паднала тешка задача, тој е избран да ја реши. Ако сме рекле дека стратешка цел ни е да влеземе во ЕУ, тогаш повели – барем почни ги преговорите со ЕУ. Никаде не одиме ако постојано ни повторува дека тоа што го бара ЕУ од нас не е праведно. Сите знаеме дека не е праведно, не сме глупави. Верувам дека и во ЕУ многумина знааат оти не е праведно. Ама ние сме тие што сакаме да влеземе. Тие си се внатре. Уште колку години можеме да си дозволиме да бидеме разочарани и навредени?
Децата што се родија во 2005 година, кога Македонија стана кандидатка за членство во ЕУ, веќе се пред дипломирање. Кој тука, кој некаде низ Европа, по факултетите во Словенија, Германија, Франција, Грција, Шпанија, Италија…
Децата што се родија кога беше потпишан Преспанскиот договор во 2018, веќе тераат второ одделение, некои од нив веројатно и во некое германско или швајцарско школо каде што им се отселиле родителите за време на некој полугодишен распуст.
Којзнае каде сè ги одвел патот децата родени 1993 година, кога Македонија стана членка на Обединетите нации. И тогаш бевме разочарани, оти влеговме со привремено име и без знаме, ама пак, за првпат во историјата македонскиот народ доби рамноправно столче во светот со своја држава.
Сето тоа се случувало во време на некои други влади.
Па и во НАТО нè внесе некоја друга Влада.
Кога Мицкоски се кандидираше за премиер ги знаеше одлуките на претходните Влади. Инженер е, ама белким знае како функционира меѓународното право.
Сетики секоја земја има некоја друга влада што некогаш нешто потпишала.
3 Ако се сеќавате, Мицкоски дома се јуначеше и со непризнавање на Преспанскиот договор. Ама грчкиот премиер Мицотакис го олади уште на почетокот на мандатот. На Самитот на НАТО во Вашингтон во 2024, што беше прво соочување на Мицкоски со реалноста како премиер, а не опозиционер, Мицотакис кој кога беше во опозиција исто така беше против Преспанскиот договор му испрати порака: „Договорите мора да се почитуваат. Сакаме Северна Македонија да преземе чекори кон европски пристап. Тоа, сепак, претпоставува почитување на меѓународното право и почитување на договорите што земјата очигледно ги има потпишано“.
И на Мицотакис не му се допаѓаше Преспанскиот договор што го направи претходната грчка Влада. И тој дигаше галама пред избори. Ама, тоа е реалноста.
Надворешната политика на македонската Влада се темели на негирање на реалноста.
Ѝ кажал ли Мицкоски на фон дер Лајен лично дека не е задоволен? И да ѝ кажал таа не може да му помогне.
Во големата слика нему не му е важно да го откочи процесот и да тргнеме напред кон ЕУ, со сите сопки што и понатаму може да се испречат на патот, не само од Бугарија. Поважно му е да ни се фали дома дека ако треба и со децении ќе чекаме да влеземе во ЕУ, ама додека е тој на власт нема да попушти ни милиметар. Прекрасен муабет. Пред коооперација и на комитски забави сите се задоволни од таков муабет.
Може со таа популистичка реторика уште долги години да се одржува на власт. Ама што фајде имаме ние ако ни изгуби уште 10 години од животот? Како што изгубивме со оној неговиот претходник што едно сабајле се јави: „Јас сум во Будимпешта сега“.
4 Имаме сериозен проблем.
Од една страна имаме премиер кој секојдневно со личен пример и однесување ни докажува дека не може да направи општо национално помирување ни дома, а не пак да влезе во сериозен дијалог надвор, колку и да е тој мачен, со Бугарија и со ЕУ.
Од друга страна го имаме лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој наместо да ја обедини опозицијата, да ги смири раскараните страни и да ги привлече сите што не се согласуваат со политиката на ВМРО-ДПМНЕ, се испокара и со своите луѓе. И тоа толку лоши зборови за нив истури што дури ни во најгнасните соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ не се употребени.
Штета што немаме некој лидер што е спремен да сослуша, да разговара, да преговара… Особено, да е спремен на дијалог без да се злоупотребува ветото на Бугарија, за дома да се задржи статус кво.
И како капак на сè, она што е уште пофрустрирачко, во ЕУ процесот паднавме во друштвото на земјите од Западен Балкан што се испокарани меѓу себе. И тоа баш сега кога ЕУ после 13 години реши да се проширува и измислува креативни решенија како тој процес да го олесни.
Уште колку животи имаме?


