Утре (10 октомври) во 18 часот во црквата „Свети Спас“ во Скопје ќе се отвори изложба посветена на 80-годишнината од пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје, еден од најзначајните моменти во современата македонска историја. Изложбата ја организираат Државниот архив во соработка со Конзерваторски центар – Скопје.
„Заветот на Гоце Делчев, пренесуван низ децениите од неговите соборци, остана трајна обврска за Илинденската организација и за македонската држава: неговите останки да почиваат во главниот град на слободна и независна Македонија. Веднаш по ослободувањето на земјата, воените соборци и тогашните власти донесоа заедничка историска одлука дека се остварени сите услови за исполнување на овој аманет, со што посмртните останки на Делчев конечно беа вратени во татковината. Оваа изложба претставува посебна почит кон историскиот пат на неговите останки, заветот на неговите соборци и зачувувањето на националната меморија“, соопшти Архивот.
Гоце Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903) е погребан во „Свети Спас“.
На 7 октомври 1946, посмртните останки на Делчев биле предадени на македонска делегација и свечено испратени од Софија кон Македонија. Посмртните останки биле положени на 10 октомври 1946.



