Жителите на областа Голо Брдо во Албанија зборуваат на македонски дијалект. Ова е стручно и научно разработено и само ја потврдува вистината дека говорот од оваа област ја зачувал својата посебност, коегзистирајќи на дијалектно рамниште. Минатата година, Дијана Петровска, доктор по хуманистички науки – македонистика, изврши теренско истражување во областа Голо Брдо. Посети неколку села, контактираше со голем број мештани и направи текстуални и аудиозаписи од истражувањето кои се објавени во 2022 во монографијата „Голобрдскиот говор“.
„Голо Брдо е претежно планинска област која се наоѓа во источниот дел на Албанија, односно југозападно од Дебар. Во областа Голо Брдо спаѓаат 21 село. Тие не се многу големи, ако се има предвид бројот на куќите. Овие куќи во најголем дел од годината се празни. Основни занимања на населението се земјоделството и сточарството, а мажите масовно работат како ѕидари и дрводелци по целиот Балкан, главно, во Албанија, Грција и Хрватска, но печалат и во Италија и Германија. Селата живнуваат по мај, а најмногу народ има во летниот период, особено во август, кога се прават свадбите кои траат неколку дена. Жителите на Голо Брдо во последните години живеат под постојан општествено-политички и економски притисок, фактор што придонесува за раселување. Кога зборуваме за говорот на жителите од оваа област, тој спаѓа во западните периферни македонски говори и ги содржи сите карактеристики на македонското западно наречје. Голобрдскиот говор е зачуван и неизменет долги години. И ден-денес, повозрасните мештанки знаат да го говорат само нивниот мајчин јазик, голобрдскиот, а не го разбираат и не го говорат државниот, албански јазик. Причината е едноставна, тие не посетувале училиште ниту еден ден. Помладите го учат албанскиот јазик во школо, но дома го зборуваат и негуваат голобрдскиот говор. Телевизија следат на македонски јазик“, вели Петровска.
При теренското истражување, Петровска голема поддршка добила од Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Елса Џелили, координаторката на друштвото за округот Елбасан и од Сабина Џелили, која и претходно работела на слични проекти поврзани со транскрипција на дијалектни говори.
„Историски гледано, голобрдскиот говор се формирал на поширок простор по левата страна на реката Дрим. Ја опфаќа географската област Голо Брдо. Во својата основа, тоа е дебарски говор. Во потесна врска стои со централната говорна област (Поле, Жупа, Малесија), со која граничи на север и исток. Но, во него наоѓаме и особености кои во другите околни говори се непознати и кои го карактеризираат како посебна дијалектна индивидуалност. Говорот на селото Требиште имаше централно место во нашите истражувања. Одејќи накај ова село по тесни и неасфалтирани патишта, неколкупати заталкавме, па моравме да се враќаме назад. Попат ги прашувавме луѓето за патот. Ги прашувавме на македонски јазик, а нивните одговори беа на преубав местен македонски говор. Требиште е прекрасно село оддалечено десетина километри од границата, а го сочинуваат три маала, Горна Маала, Долна Маала и Она Маала, односно при брз разговор Гурну Мала, Дулну Мала и Уну Мала“, вели Петровска.
Голо Брдо е една од најсиромашните и најмалку развиени општини во Албанија. Комуникацијата со другите региони е крајно отежната поради лошите патишта, па телевизијата останува најчест облик на информирање и најмногу се гледаат македонските програми.
„Забележливо е мешањето на голобрдскиот говор со македонскиот стандарден јазик, бидејќи тие следат само македонска програма на своите телевизори. Отстапки се јавуваат само во термините кои не постојат во нивното место на живеење и во нивното опкружување, па именувањето е во согласност со јазикот што го учат во училиште (албанскиот јазик) или според јазикот од кој се презема именувањето на новите предмети. За својата етничка припадност гордо и храбро зборуваат дека се Македонци од Голо Брдо и во поголемиот дел од куќите го истакнуваат македонското знаме со шеснаесет краци преку разни предмети и сувенири. Кога станува збор за јазикот, односно како самите тие зборуваат, велат ‘нашки си збориме‘. На секој добар збор домаќините се заблагодаруваат со ‘Сполај ти‘ и наздравуваат со чашка домашна ракија, велејќи ‘За убајна‘, на што се возвраќа со ‘На здравје‘. Веднаш се вари турско кафе, а гостите благословуваат ‘За убајна да ви се пијет‘, со значење во куќава за убо: да ви се идет, да ви се пијет. Желбата да се биде дел од Македонија копнее во нивните срца“, ги пренесува Петровска импресиите од престојот во овие голобрдски села.
Целта на ова теренско истражување била да се собере звучен запис на дијалектен материјал од областа Голо Брдо од информатори кои биле на различна возраст, главно, родени и со постојано место на живеење во голобрдските села и тој материјал да се запише со современа фонетска транскрипција, според принципите на работа на Македонскиот дијалектен атлас, зацртани од академик Божидар Видоески.
„Понатамошна цел е да се примени ексцерпција на јазичниот материјал од корпусот снимени материјали. Поточно, да се интерпретира материјалот на сите јазични рамништа: фонетско- фонолошко, морфолошко и зборообразувачко, синтаксичко и лексичко, според современите методи и принципи на обработка на дијалектен материјал и да се откријат јазичните особености кои го издвојуваат овој говор како уникатен во рамките на западните македонски говори надвор од границата, каде што, според дијалектната диференцијација на македонскиот јазик е сместен голобрдскиот говор. Во истражувањето беа направени опис на фонетско-фонолошките особености на голобрдскиот говор и историски извод на гласовите и беше даден детален преглед на формите и парадигмите на менливите и неменливите зборови во голобрдскиот говор и на морфолошки и на зборообразувачки план. Направена е анализа на лексичкото богатство на голобрдскиот говор според семантички гнезда, односно според тематски подрачја и е направено запишување на овие јазични и лексички специфики. Забележани се топоними на места, чешми, ливади, реки, извори, но и на песни кои се пеат на свадбите, како и неколку клетви кои се употребуваат. За сиот овој материјал, покрај текстуален, направен е и аудиозапис“, вели Петровска.
Издавањето на монографијата „Голобрдскиот говор“ е потпомогнато од Министерството за култура како проект од национален интерес.
З. АНДОНОВ