Луѓето кои долго ги чувствуваат последиците од ковид-19 откако биле во болница имаат поголема веројатност да добиле одредени оштетувања на главните органи, откри една нова студија. Скенирањето со магнетна резонанца откри дека пациентите се со трипати поголема веројатност да имаат некои абнормалности во повеќе органи како што се белите дробови, мозокот и бубрезите. Истражувачите веруваат дека за ова постои врска со сериозноста на болеста. Има надеж дека студијата во Велика Британија ќе помогне во развојот на поефикасни третмани за долгиот ковид.
Студијата, објавена во „Лансет респиратори медисин“, опфатила 259 пациенти кои толку се разболеле од коронавирусот што биле примени во болница. Пет месеци откако се испуштени, снимките со магнетна резонанца на нивните главни органи покажаа некои значајни разлики во споредба со група од 52 луѓе кои никогаш немале ковид. Најголемиот удар бил забележан на белите дробови, каде што скенирањата имале 14 пати поголема веројатност да покажат абнормалности. Скеновите со магнетна резонанца, исто така, имаа трипати поголема веројатност да покажат некои абнормалности во мозокот – и двојно поверојатно во бубрезите – кај луѓето кои имале тежок ковид. Немаше значителна разлика во здравјето на срцето или црниот дроб.
Д-р Бети Раман, од Универзитетот во Оксфорд и еден од водечките истражувачи во студијата, вели дека е јасно оти оние кои живеат со долги симптоми на ковид имаат поголема веројатност да доживеат оштетување на органите. Таа рече дека „Возраста на пациентот, колку тешко бил болен со ковид, како и дали имал други болест во исто време, сите беа значајни фактори за тоа дали најдовме или не оштетување на овие важни органи во телото“.
Наодите се дел од поголема студија која ги разгледува долгорочните ефекти на ковид врз оние кои биле хоспитализирани, позната како студија Фосп-Ковид. Истражувачите откриле некои симптоми кои се совпаѓаат со знаци на оштетување на органите откриени со скеновите со МРИ – на пример, стегнати гради и кашлица со абнормалности во белите дробови. Сепак, не сите симптоми што ги доживуваат оние кои живеат со долг ковид може директно да се поврзат со она што е видено на скенирањата. Д-р Раман вели дека исто така се чини оти абнормалностите во повеќе од еден орган биле почести кај луѓето кои биле примени во болница и сè уште имале физички и ментални здравствени проблеми откако се опоравиле од првичната инфекција.
Оваа детална студија со снимање на целото тело потврдува дека промените во повеќе органи се забележани неколку месеци по хоспитализацијата поради ковид. Студијата Фосп-Ковид работи да се разбере зошто тоа се случува и како можеме да развиеме тестови и нови третмани за долгиот ковид.