Околу 3.500 Руси на возраст за воено регрутирање поднеле барање за азил во Германија од почетокот на руската целосна инвазија на Украина, но само 90 досега се прифатени. Германската федерална канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ) досега одлучила за повеќе од 1.500 апликации од Русија, соопшти Министерството во одговор на пратеничко прашање на пратеничката Клара Бунгер од опозициската крајнолевичарска партија Линке (Левица).
Според Бунгер, во поголемиот дел од барањата – околу 1.100 – друга земја членка на ЕУ е одговорна за барањето азил според таканаречената Даблинска регулатива за миграција на блокот. Правилата предвидуваат дека барателите на азил мора да ги поднесат своите барања во првата земја на ЕУ во која се регистрирани, со само ограничени исклучоци. Барателите на азил кои сепак се обидуваат да поднесат барања на друго место во ЕУ, често во побогатите земји како Германија, може да бидат вратени назад според правилата од Даблин.
Во одговорот на пратеничкото прашање германското Министерство за внатрешни работи напиша: „Сегашната практика на одлучување го предвидува следново: Дезертерите може да продолжат да добиваат меѓународна заштита на редовна основа. Покрај тоа, лицето кое треба да биде регрутирано во армијата и одбие да служи ќе добие меѓународна заштита, под услов да се исполнат условите за тоа“.
Екстремнолевичарската пратеничка Бунгер ја критикуваше германската централно-левичарска коалициона влада по одговорот, велејќи дека иако е „добра во пишување за човекови права на нејзините транспаренти и давање извонредни ветувања“, немало успех кога станува збор за имплементацијата.