Пожарот кој во саботата зафати површини во Прилепско предизвика застој на железничкиот сообраќај на релацијата Велес-Битола и обратно. Пожарот во околината на селото Браилово, каде што минува пругата, оштетил дел од железничката инсталација.
„Сообраќајот од и кон Битола е во прекин поради пожарот кој уништи околу илјада железнички прагови на повеќе локации. Стручните служби на ЖРСМ Инфраструктура работат интензивно на отстранување на дефектот и оспособување на сообраќајот. Поради ова, сообраќајот на релацијата Скопје-Битола-Скопје ќе биде во прекин од денеска, па до оспособување на пругата за одвивање безбеден сообраќај“, соопштија од ЈП МЖ Инфраструктура.
Првата реакција за овој застој стигна од жителите на регионот Азот, кои немаат автобуски превоз и единствената врска кон Велес им е железницата.
„Македонски железници можеше да пушти патничките возови да сообраќаат барем до Богомила. Колку луѓе патуваат до Велес, сега ќе мора да се возат со автомобили, што е многу поскапо“, велат жителите.
Во Македонија моментално единствената функционална пруга по која се одвива патничкиот железнички сообраќај е од Скопје до Гевгелија и обратно. Патнички возови одамна нема кон Куманово и Табановце, Кочани и кон Кичево.
П. ПЕЧКОВ