Советот на Општина Куманово донесе одлука субвенционирањето на јавниот превозот да трае уште еден месец, бидејќи во моментов нема пари за до крајот на годината. Иако во првичната предлог-одлука беше најавено дека Општина Куманово одлучила да издвои дополнителни средства од буџетот за период од уште месеци заклучно со 31.12.2023 за општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, како и за линиски превоз на патници за линии утврдени помеѓу Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане, на самата седница одлуката беше сменета.
„Поради неможност да се обезбедат парични средства за три месеци, сега одлуката се менува, ние со пренамена успеавме да обезбедиме средства за еден месец и тоа од 1 до 31 октомври“, кажа Лидија Ланг-Спасовска, раководителка Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата.
Средствата во висина од 4.7 милиони денари се обезбедени преку кратење на други ставки како што се капитални инвестиции и заштита на животната средина.
Советниците од опозицијата очекуваат дека на една од наредните седници ќе се донесе нова одлука за бесплатен превоз до крајот на годината, откако ќе се направи нова пренамена на средства од други ставки. Тие велат дека не се против одлуката да се субвенционира јавниот превозот, но бараат да се смени опфатот, бидејќи сметаат дека досегашната примена не ги дала очекуваните резултати, поради што има голем број на забелешки од граѓаните.
„Родителите од Студена Бара посочија дека учениците користат јавен превоз и мора да чекаат подолго кога се враќаат од училиште. Барам да се поведе ред дали училишниот превоз се одвива паралелно со јавниот превоз, или обврска на превозниците е да организираат превоз само за учениците. Информација од превозниците е дека дневно се возат од 7 илјади до 10.000 патници, во што јас се сомневам. Јас имам милион поплаки од граѓаните и се покажа дека тие не се задоволни од јавниот превоз, а особено не се задоволни од начинот на кој се трошат нивните пари. Можеби треба да се субвенционира одредена категорија на луѓе, социјални случаи, пензионери со ниски примања, но да го користат толку мал број на граѓани, а да ги полниме џебови на приватни фирми и тие да профитираат не е прифатливо“, кажа советникот Благојче Јаќимовиќ од НСДП.
Претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска, кажа дека во 2019 година училишниот и линискиот превоз се споиле, па сега учениците го користат јавниот превоз.
Советнкиот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите смета дека Општина Куманово не е толку богата за да потроши пари на мерка која не може да се контролира, па затоа побара таа да им биде овозможена само на граѓаните кои се во социјален ризик и тоа со персонализација на тоа право.
„Ако продолжи оваа мерка до крајот на годината, повеќе од 1 милион евра ќе бидат потрошени од парите на граѓаните за недефинирани резултати кои ни ги презентира тој на кој му плаќаме. Според динамиката на трошење на средствата од она што имам увид, повеќе пари во овој период се потрошени за субвенционирање на градски превоз отколку за капитални инвестиции. Со тие пари можеше да подобри патната инфраструктура која е во катастрофална состојба во центарното градско подрачје. На сите улици имаме дупка до дупка. Не е грижа за граѓаните само ако им се обезбеди бесплатен превоз, грижа е и ако му се обезбеди вода за пиење, канализација, сообраќајници достојни и безбедни, тротоари, велосипедски патеки кои ги немаме никаде“, кажа Андоновски.
Тој додаде дека неуспехот на овој проект се гледа и во тоа што за 9 месеци не е изградена ниту една автобуска постојка, па патниците се земаат од улица, а не е уреден ни диспечерскиот центар. Според него, додека дел од граѓаните ја злоупотребуваат мерката и се возат повеќепати дневно, други, кои се дури повеќе од 50 отсто и имаат реална потреба за користење на градски превоз, или не можат да влезат во автобусите поради гужвите во ударните термини или не го користат превозот затоа што немаат услови, или воопшто нема линиски превоз во близина на местата каде што живеат.
Раководителката на секторот Ланг-Спасовска, кажа дека на превозниците им се плаќа 40 денари од поминат километар, а има 26 линии кои поминуваат 110 илјади километри дневно, а превозот го користат од 10 до 13 илјади патници.
„Самото плаќање по километри се покажа како погрешно. Не се постигнаа ни очекуваните резултати, денеска е поголем хаос во сообраќајот, не е намалено ни загадувањето, а не се сменети ни навиките на луѓето, само ги имаме оние кои постојано се возат и прават метеж. Мислам дека во иднина треба да одиме кон таргет групи, бидејќи досега мерката не ги даде очекуваните резултати. Само одреден група на луѓе ја користи бенифицијата, а се одлеваат големи пари од граѓаните“, кажа Александар Јовановски од СДСМ.
Во Куманово субвенционирањето на јавниот градски превоз започна на почетокот на годината и тоа општинскиот буџет досега го чини над 800 илјади евра. Прво траеше 6 месеци, па беше продолжено на уште на три. Граѓаните кои секојдневно го користат се задоволни од мерката, но поголем дел сметаат дека е непотребна, популистичка и многу скапа.
С. НИКОЛИЌ