РЕЧИСИ СИТЕ ЕТНИЧКИ ЕРМЕНЦИ ПОБЕГНАА ОД НАГОРНО-КАРАБАХ

    РЕЧИСИ СИТЕ ЕТНИЧКИ ЕРМЕНЦИ ПОБЕГНАА ОД НАГОРНО-КАРАБАХУНХЦР вели дека 100.000 луѓе побегнале, додавајќи дека многу од бегалците се гладни, изнемоштени и им е потребна итна помош. (Фото: Твитер/принтскрин)

    Повеќе од 100.000 луѓе избегаа од регионот Нагорно-Карабах, соопшти Ерменија. Тоа значи дека речиси целото население на енклавата со етнички Ерменци си заминало откако Азербејџан ја презеде контролата минатата недела.

    Азербејџан вели дека сака да го реинтегрира регионот и дека ги третира локалните жители како еднакви, но Ерменија тврди дека тоа е лага.

    Нагорно-Карабах, регион кој е меѓународно признаен како дел од Азербејџан, три децении беше раководен од локалните Ерменци, надвор од контрола на Баку.

    Повеќе од 200 етнички Ерменци и неколку десетици азербејџански војници загинаа за време на последниот напад на Азербејџан. Како дел од договорот за прекин на борбите, ерменските сепаратисти се согласија да се предадат.

    Властите на самопрогласената Република Нагорно-Карабах соопштија дека таа ќе престане да постои до крајот на годината.

    Назели Багдасарјан, портпаролот на ерменската влада, кажа дека бројот на бегалци кои влегле во земјата достигнал 100.417, а вкупната популација на Нагорно-Карабах е проценета на 120.000.

    УНХЦР исто така вели дека 100.000 луѓе побегнале, додавајќи дека многу од бегалците се гладни, изнемоштени и им е потребна итна помош.

    Артак Бегларјан, висок функционер во Нагорно-Карабах, кажа дека последните групи жители на Нагорно-Карабах се на пат за Ерменија.

    „Ќе останат најмногу неколку стотини, најголем дел од нив функционери, вработени во службите за итни случаи, доброволци и лица со посебни потреби“, вели тој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира