Меѓународната невладина организација „Хабитат Македонија“ ќе обезбеди средства за изработка на Детален урбанистички план (ДУП) за кумановска населба, за да се подобрат условите за домувањето на лицата од маргинализаните групи граѓани. Со овој проект Општина Куманово ќе биде дел од петгодишна кампања на „Хабитат“, со која е опфатена и Општина Шуто Оризари во Скопје.
„’Хабитат Македонија’ презема обврски да финансира ДУП на локацијата Османов Рид. Тука имаме голем број изградени куќи, но има и голем број слободни парцели каде има интерес за градба. Овој дел на градот не е урбанистички решен, и мене ми е многу мило што организацијата излегува во пресрет и ќе ја покрие изработката на ДУП-от“, изјави градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Промоцијата на проектот „Домот е еднаквост“ се совпадна со Меѓународниот ден на домувањето, кој се одбележува во првиот понеделник во октомври. Со најновата кампања треба да се подигне јавната свест за домот како основа за понатамошен развој на луѓето за економски, здравствен, образовен и друг аспект.
„Долгогодишната соработка со Куманово ќе ја продолжиме и на оваа тема со што ќе ја подигнеме свеста и на локалните власти за поголема вклученост во носење на политики и закони кои се однесуваат на подобрување на условите за домување. Посебно на маргинализираните групи граѓани, лица кои живеат во несоодветни услови. Тема на кампањата е токму тоа, да се подобри домувањето на лицата кои живеат во несоодветни услови“, истакна Лилјана Алчева, заменик-директорка на програмата Хабитат Македонија.
Општина Куманово и досега имала соработката со оваа невладина организација при реконструкција на фасадите за енергетска ефикасност на зградите за колективното домување. Во втората фаза на оваа петгодишна кампања ќе се разговара за продолжување на проектот.
С. НИКОЛИЌ