ОПШТИНА КУМАНОВО ГО ПОДДРЖА СОВЕТУВАЛИШТЕТО ЗА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО СО 600.000 ДЕНАРИ

    ОПШТИНА КУМАНОВО ГО ПОДДРЖА СОВЕТУВАЛИШТЕТО ЗА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО СО 600.000 ДЕНАРИСоветувалиштето пред една година го отвори хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово (Фото: СДК.МК)

    Советувалиштето за жртви на семејно насилство на хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово ќе добие 600.000 денари за наредните две години. Средствата се обезбедени од Програмата за еднакви можности на мажите и жените со акциски план за 2023-2025 година. Вкупниот буџет на програмата е 711.000 денари, а покрај средствата за советувалиштето, предвидени се и 60.000 денари за едукација на раководни лица од локалните институции за навремено препознавање на полово и семејно насилство.

    „Советувалиште за жртвите на семејно насилство е повеќе од потребно во нашиот град, за да имаат можност да добијат совет и охрабрување за преземање на следни чекори во институциите. Знаеме дека Центарот за социјални работи се грижи за жртвите, но исто така знаеме дека тие тешко се одлучуваат насилството да го пријават во институциите. Затоа, од особена важност е поддршката на еден ваков проект“, посочи Александра Лазаревски, претседателката на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените при Општина Куманово.

    Советувалиштето пред една година го отвори хуманитарното здружение „Мајка“ во рамките на проектот „Комфор зона за жени“, со грант од програмата на УНДП, а со одредени средства е поддржано и од јавниот оглас за развој на социјални услуги.

    „Советувалиштето веќе е лиценцирано за ваква намена. Во него се ангажирани психолог, правник, кариерен советник и социјален работник. Улогата на ова советувалиште е да ги пронајде и прифати жртвите на семејно насилство за да ги упати низ институциите. Со обезбедување финансиска поддршка од општинскиот буџет го правиме одржливо и функционално и ја развиваме оваа социјана услуга“, истакна претседтелката на Советот Ивана Ѓорѓиевска.

    Таа потсети на последните два случаја во Куманово и Табановце кога настрадаа три жртви на семејно насилство.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира