Вечерва во 19 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде промовиран настанот „Пејзаж на вознемиреност – единаесет критични жешки точки во Република Северна Македонија“, во чии рамки ќе има промоција на публикација, изложба на фотографии и презентација на проф. д-р Трајче Стафилов и Тихомир Топузовски.
Настанот е спој на неколкумесечното истражување и истоимената изложба за Македонија како една од земјите на Западен Балкан кои претставуваат средиште на загадувањето во Европа поради застарените фабрики за јаглен, автомобилите, неисправните индустрии и енергетската сиромаштија на населението. Ова во континуитет ги загадува воздухот и водата и ги загрозува севкупниот биодиверзитет на земјата и здравјето на граѓаните.
Публикацијата е дел од проектот „Пејзаж на вознемиреност – Култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени“, во која се објаснуваат и визуелизираат таканаречените жешки точки во Македонија,
Изложбата се состои од фотографии од 11 жешки точки лоцирани од професорот Трајче Стафилов, кои се однесуваат на активни и затворени индустриски објекти кои генерираат отпад и ја загадуваат животната средина со тешки метали. Точките се рангирани по нивна опасност, а критериумите се количеството отпад што го создаваат, токсичноста, колку локацијата е блиску до населено место, концентрацијата на опасните хемикалии во отпадот и други фактори.