Затворената иранска активистка за човекови права Наргес Мохамади е годинашната добитничка на Нобеловата награда за мир. Една од водечките ирански активистки се бореше за правата на жените и за укинувањето на смртната казна во земјата.
Опишувајќи ја Мохамади како борец за слобода, претседателот на норвешкиот Нобелов комитет, Берит Рајс-Андерсен, го соопшти нејзиното име заедно со зборовите „жена, живот, слобода“, што беше еден од слоганите на мирните протести против иранските власти.
„Норвешкиот Нобелов комитет одлучи да ја додели Нобеловата награда за мир на Наргес Мохамади за нејзината борба против опресијата на жените и за промовирање на човековите права и слободи за сите“, изјави Рајс-Андерсен.
Мохамади моментално служи повеќе казни во затворот „Евин“ во Техеран, кои вкупно изнесуваат 12 години. Меѓу другото, таа беше обвинета за ширење пропаганда против државата.
Мохамади е 19. жена која ја добива Нобеловата награда за мир.