Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант нареди целосна опсада на појасот Газа.
„Нема струја, нема храна, нема гориво“, изјави Галант.
Израел веќе ги контролира воздушниот простор и крајбрежјето на Газа и регулира кој и кои добра смеат да поминат преку граничните премини.
Ова следува два дена откако Хамас изведе изненадувачки и добро координиран напад на Израел, комбинирајќи масовни ракетни удари и упади на милитантите на израелската територија. Во Израел досега загинаа над 700 луѓе, а во одмаздничките воздушни напади на Газа се убиени речиси 500 Палестинци. Палестинските групи Хамас и Исламски џихад притоа имаат киднапирано повеќе од 130 луѓе, за кои се верува дека се одведени во Газа.
Сирени за воздушна тревога и денеска се огласија низ Израел откако од Газа биле лансирани ракети. Во Ерусалим се слушнале најмалку три експлозии.
Израелските одбранбени сили објавија дека војската ја повратила контролата врз сите населени места покрај границата со Газа, но продолжуваат изолирани престрелки со милитантите. Војската утрово соопшти дека борците на Хамас се присутни на уште седум-осум места на израелската територија, признавајќи дека воената операција трае подолго од очекуваното.