Појасот Газа ќе се соочи со нова хуманитарна криза ако не биде дозволено снабдувањето на енклавата, предупредуваат властите. Израел вчера нареди целосна опсада на Газа, најавувајќи дека снабдувањето со струја, вода, храна и гориво ќе биде прекинато.
Според жителите, помош нема влезено во Газа од саботата. Газа е дом на 2,3 милиони луѓе, од кои 80% зависат од хуманитарна помош. Со територијата управува Хамас, но Израел ги контролира воздушниот простор и крајбрежјето и регулира кој и какви добра смеат да ја поминат границата. Вакви строги контроли кон Газа има воведено и соседниот Египет.
Од почетокот на нападите во саботата, Израел запре со снабдувањето на Газа, вклучувајќи храна и лекови. Во воздушните напади се убиени речиси 700 луѓе, а раселени се 187.000.
„Многумина веќе немаат струја и интернет, а наскоро би можеле да останат и без основната храна. Оштетувањата на водоводните, санитарните и хигиенските објекти влијаат врз 400.000 луѓе, а електраната во Газа е единствениот извор на електрична енергија, но би можела да остане без гориво за неколку дена“, изјави Стефан Дижарик, портпаролот на генералниот секретар на ОН.
Израел лансираше масовни воздушни напади на Газа во изминатите денови, тврдејќи дека цел е инфраструктурата на Хамас, но меѓу погодените места се и бегалски камп, училиште, џамија и приватни домови. Во еден таков напад загинале 19 членови на едно семејство во Рафа во јужна Газа.
Премиерот Нетанјаху вчера кажа дека воздушните напади се само почеток на одмаздата. Постојат назнаки дека Израел подготвува и копнена офанзива на Газа откако мобилизираше 300.000 воени резервисти, најмногу досега. Портпаролот на Израелските одбранбени сили, Ричард Хехт, изјави дека војската гради инфраструктура за идни операции, при што долж границата со Газа се распоредени 35 баталјони. Еден баталјон вообичаено се состои од стотици војници.