ИЗЛОЖБАТА СО ЗЛАТНИТЕ МАСКИ ОД ТРЕБЕНИШТЕ СЕ ПРЕТСТАВИ ВО СОФИЈА, СЛЕДИ БЕЛГРАД ВО 2025

    ИЗЛОЖБАТА СО ЗЛАТНИТЕ МАСКИ ОД ТРЕБЕНИШТЕ СЕ ПРЕТСТАВИ ВО СОФИЈА, СЛЕДИ БЕЛГРАД ВО 2025Меѓу археолошките предмети кои потекнуваат од Требениште, најпознати се погребните златни маски, но изложени се и други вредни предмети, како што се: златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато. (Фото: Министерство за култура)

    Изложбата „105 години Требениште“ која во Скопје беше изложена во 2019 како „100 години Требениште“ синоќа се отвори во Софија, во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките (БАН). Како што велат од Министерството за култура, на отворањето дошле функционери и претставници од институциите на трите држави, Македонија, Бугарија и Србија.

    Оваа меѓународна изложба е уникатна по наодите кои го претставуваат животот покрај Охриското Езеро од 6 до 4 век пред н. е. Во поставката се и златните маски кои се чуваат во Белград, Софија и една во Охрид, и кои за првпат на оваа изложба се изложуваат заедно.

    Изложбата е резултат на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, Народниот музеј на Србија – Белград, Археолошкиот музеј на Македонија Скопје и Заводот и музеј – Охрид.

    „На 100-годишнината во Скопје, сега во Софија, а во 2025 година во Белград. Оваа величествена изложба, која со гордост беше поставена и претставена во Археолошкиот музеј во Скопје, побуди огромен интерес кај македонските граѓани. Верувам дека златните маски од Требениште и стотиците вредни артефакти од овој исклучително атрактивен археолошки локалитет ќе ја пробудат љубопитноста и на бугарската јавност“, рече македонскиот заменик-министер за култура Даим Лучи на отворањето на изложбата.

    „Во овие години Требениште стана показател за успешен меѓународен проект, за чија реализација се потребни огромен ентузијазам, меѓусебно разбирање, знаење и посветеност на професионалците од трите соседни балкански држави“, рече Бабамова. (Фото: Министерство за култура)

    Директорката на Археолошкиот музеј од Скопје, Славица Бабамова, кажа дека изложбата е резултат на макотрпната и посветена заедничка работа на експертите и професионалците од музеите на трите држави, и дека на задоволство на сите, волшебната археолошка приказна за аристократијата која живеела во Охридскиот Регион во 6. и 5. век пр. н.е. повеќе од едно столетие е предизвик и инспирација за археолозите не само од Балканот туку и пошироко.

    „Требениште и неговите раскошни наоди во 21. век добија нова димензија: станаа предизвик за заедничка врвна професионална работа и симбол за заедничка цел за реализација на оваа изложба од страна на музеите во Софија, во Белград и во Скопје. Во овие години Требениште стана показател за успешен меѓународен проект, за чија реализација се потребни огромен ентузијазам, меѓусебно разбирање, знаење и посветеност на професионалците од трите соседни балкански држави“, рече Бабамова.

    На отворањето говореа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, директорите на музеите од Софија Христо Попов, и од Белград Бојана Борич-Брешковиќ, министерот за култура на Бугарија Крастју Крастев, и државниот секретар во Министерството за култура на Србија Миодраг Ивановиќ.

    (Фото: Министерство за култура)

    Меѓу археолошките предмети кои потекнуваат од Требениште, најпознати се погребните златни маски, но во рамките на изложбата можат да се видат и други вредни предмети, како што се: златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, килибарен и друг вид накит, керамички предмети, оружје, шлемови, но и впечатливи керамички предмети поврзани со сѐ уште мистичната приказна за непознатата аристократија која го населувала денешното село Требениште.

    Некрополата Требениште, која се наоѓа кај селото Горенци во близината на Охрид, била случајно откриена при копање ровови од бугарски војници. Бројните златни, сребрени и бронзени предмети од гробовите биле пренесени во Музејот во Софија каде се наоѓаат и денес. Истото се случува и со следните наоди од истражувањата во 1932 и 1934 кои ги извел Народниот Музеј од Белград, каде се наоѓаат и денес. Со македонските ископувања во Требеништа во 1972 од Заводот и Музеј од Охрид, биле откриени погребувања и од помладите хронолошки рамки на оваа некропола, а наодите кои се наоѓаат во Охрид исто така се дел од изложбата. Меѓу нив е и златната маска најдена кај Горна Порта во 2011.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира