Уценувачка измама која користи апликации за брзи заеми со кои ги заробува и понижува луѓето се прошири низ Индија и други земји во Азија, како и во Африка и Јужна Америка. Само во Индија досега се самоубиле најмалку 60 луѓе, најголем дел од нив во 20-ти и 30-ти години, откако биле малтретирани и добивале закани.
Истрага на „Би-Би-Си“ разоткри лица кои профитираат од оваа измама во Индија и Кина.
Седумнаесетгодишната Индијка Аста Синха била свесна дека нејзината мајка прима чудни повици и дека должи пари некому, но не знаеле дека таа со месеци била изложена на вознемирувања и психолошка тортура. Аста исто така сфатила дека мајка ѝ е на раб да изврши самоубиство.
Буми Синха е една од многуте кои станале жртви на глобална измама, која зафати 14 држави, при што уценувачите профитираат додека уништуваат животи и семејства. Бизнис моделот е едноставен, но брутален.
Постојат многу апликации кои ветуваат едноставно добивање заеми за неколку минути. Многу од нив по даунлодирањето ги собираат вашите контакти, фотографии и лични карти и ги користат тие информации за изнудување.
Кога клиентите не отплаќаат навреме, а понекогаш дури и кога го прават тоа, тие ја споделуваат оваа информација со центар за повици, каде што младите оператори опремени со лаптопи и телефони се обучуваат да ги вознемируваат и понижуваат луѓето за отплата. Така Буми Синха, која позајмила пари од 69 апликации, добивала и 200 повици на ден, во кои ѝ се заканувале и ја понижувале.