Победникот на парламентарните избори во Словачка минатиот месец договори формирање коалициска влада. Популистичката партија Смер-ССД на бившиот премиер Роберт Фико освои најмногу гласови водејќи кампања против натамошна воена помош за Украина.
Фико ќе формира коалиција заедно со партијата на левиот центар Хлас и со националистичката СНС. Тие заедно ќе имаат 79 пратеници во парламентот со 150 места. Засега е непознато како партиите ќе ги поделат министерските места во владата предводена од Фико, за кого ова ќе биде трет премиерски мандат.
„Ако Смер формира влада, ниеден куршум веќе нема да биде испратен во Украина“, порача Фико во предизборната кампања.
Поради ваквите изјави и спротивставувањето на западните санкции за Русија многумина го споредија Фико со унгарскиот премиер Виктор Орбан, единствениот проруски лидер во ЕУ. Во владата влегува и Словачката национална партија (СНС), чиј лидер Андреј Данко има слични ставови за војната во Украина.
Третиот член на коалицијата, проевропската партија Хлас, беше јасен дека Словачка мора да ја задржи надворешната политика во согласност со своето членство во ЕУ и НАТО.
„Ако владата се обиде да го промени тоа, Хлас ќе излезе“, изјави лидерот на партијата Петер Пелегрини.