ПАЛЕСТИНЦИТЕ БЕГААТ ОД СЕВЕРОТ НА ГАЗА, ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА СПРЕМНА ЗА КОПНЕНА ОФАНЗИВА

    ПАЛЕСТИНЦИТЕ БЕГААТ ОД СЕВЕРОТ НА ГАЗА, ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА СПРЕМНА ЗА КОПНЕНА ОФАНЗИВАВчера, повеќе од еден милион жители на северна Газа добија известување од Израел да побегнат на југ за 24 часа, рок што помина во 5 часот изутринава. (Фото: Гети)

    Израелската војска денеска соопшти дека забележала „значајно движење“ кон југ на палестинските цивили, еден ден откако им нареди на жителите на градот Газа да бегаат, а израелскиот премиер вети натамошна одмазда за минатонеделните напади на Хамас. Вчера, повеќе од еден милион жители на северна Газа добија известување од Израел да побегнат на југ за 24 часа, рок што помина во 5 часот изутринава. Хамас вети дека ќе се бори до последната капка крв и им кажа на жителите да останат. Семејствата во Газа се соочија со тешка одлука да заминат или да останат, зашто никаде не се безбедни. Вработените во болницата рекоа дека не можат да ги напуштат пациентите.

    Американскиот претседател Џо Бајден рече дека се во тек консултации со регионалните влади за хуманитарната криза во Газа, бидејќи Палестинците кои се под опсада во Појасот Газа, територија во должина од 40 км и жирина од 10 км, живеат без струја и недостига храна, вода и лекови поради жестоките израелски бомбардирања во кои се срамнети големи делови од населбите. Обединетите нации и другите организации предупредија на катастрофа ако толку многу луѓе бидат принудени да побегнат и рекоа дека опсадата треба да се укине за да се пушти помош.

    „Заборавете на храната, заборавете на струјата, заборавете на горивото. Единствената грижа сега е само дали ќе се спасите, дали ќе преживеете“, рече липајќи Небал Фарсах, портпаролка на палестинската Црвена полумесечина во Градот Газа.

    Израел вети дека ќе го уништи Хамас поради нападот пред една недела, во кој неговите борци убија 1.300 Израелци, главно цивили, и заробија голем број заложници. Израел оттогаш го стави под целосна опсада Појасот Газа управуван од Хамас, каде живеат 2,3 милиони Палестинци и го бомбардираше со невидени воздушни напади. Властите во Газа соопштија дека загинале 1.900 луѓе, повеќето жени и деца.

    Во барањето за евакуација, израелската војска соопшти дека планира да ги нападне подземните засолништа на Хамас околу градот Газа. Но, Палестинците и некои египетски официјални лица стравуваат дека Израел на крајот се надева дека ќе го истисне народот на Газа преку јужната граница со Египет.

    „Видовме значително движење на палестински цивили кон југ“, изјави портпаролот на израелската војска, потполковник Џонатан Конрикус на видео брифингот рано утрово. Тој не го спомна рокот и не одговараше на прашања. „Околу Појасот Газа, израелските резервни војници во формација се подготвуваат за следната фаза од операциите. Тие се насекаде околу Појасот Газа, на југ, во центарот и на север, и се подготвуваат за секоја цел што ќе ја добијат, за секаква задача. Крајната состојба на оваа војна е дека ќе го разбиеме Хамас и неговите воени способности и фундаментално ќе ја промениме ситуацијата така што Хамас никогаш повеќе нема да има способност да нанесе каква било штета на израелските цивили или војници“, рече тој.

    Портпаролот на израелската војска вчера рече дека војниците поддржани од тенкови извршиле напади за да ги погодат палестинските ракетни посади и да соберат информации за локацијата на околу 150 израелски заложници, што е прв официјален извештај за копнените трупи во Газа од почетокот на кризата.

    „Удираме врз нашите непријатели со невидена моќ. Нагласувам дека ова е само почеток“, рече вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

    Се проценува дека десетици илјади Палестинци се упатиле кон југ од северна Газа по израелската наредба, според Обединетите нации, кои соопштија дека повеќе од 400.000 Палестинци биле внатрешно раселени поради непријателствата пред директивата. Многу други, сепак, рекоа дека ќе останат.

    „Смртта е подобра од заминувањето“, рече Мохамад (20) пред зградата уништена од израелски воздушен напад во близина на центарот на Газа. Џамиите ја емитуваат пораката „Останете во вашите домови. Останете во вашата земја“.

    Во Газа, заканите од копнена инвазија создадоа слики од Накба, арапскиот збор за катастрофа што се однесува на војната на создавањето на Израел во 1948 година, која доведе до масовно протерување на Палестинците. Аналитичарот од Газа Талал Окал ја опиша израелската наредба за евакуација како „обид да се турне палестинскиот народ од Газа во Накба“.

    „Како што направија во 1948 година кога ги турнаа луѓето од историската Палестина со фрлање бомби врз нивните глави, денес Израел го повторува тоа пред очите на светот и пред камерите во живо“, изјави Окал за Ројтерс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира