Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) Христо Петрески, преку второ соопштение денеска, вели дека официјално, со своерачен потпис, досега немa поднесено оставка до Друштвото, туку само ја објавил на Фејсбук. Петрески денеска претпладне ја повлече оставката која ја поднесе на 9 октомври и за која тогаш рече дека е неотповиклива и ја поднесува од здравствени причини. Денеска, на фесјбук страната на Друштвото беше објавено негова изјава, дека ја повлекува оставката бидејќи „истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани“.
Во објавата од 9 октомври стоеше дека Петрески дава неотповиклива оставка на функцијата претседател на Друштвото на писателите. Ако денеска се погледне таа објава од 9 октомври, се забележува дека е избришан зборот „неотповиклива“.
„Поради притисок, уцени и закани од одредени членови и групи во Друштвото, кога веќе беше многу тешко да се издржи тоа, а во прашање беше доведено и моето здравје, на Фејсбук и преку медиумите соопштив дека сакам да поднесам оставка, бидејќи е невозможно, па дури и нечовечки и нехумано да се работи во вакви услови на притисок, кој се префрли и на социјалните мрежи.
Но, по барање на голем број членови на Друштвото, кои и ме избраа со нивните гласови, бев замолен и повикан да се откажам од намерата да дадам официјална оставка за да опстои Друштвото и да продолжи со своите редовни активности.
Во овој миг до ДПМ немам депонирано моја оставка. Јас повторувам дека нема да дадам оставка поради притисоци, уцени и закани. ДПМ треба да се води со дела и со активности, а не преку фејсбук преписки и навреди“, вели Петрески.
Тој додава дека работата на Друштвото се одвива во неговите простории и во културните институции, а не преку преписки и навреди на социјалните мрежи. Затоа апелира, да прекинат личните напади, навреди и инсинуации, но и омаловажувањата, подметнувањата и игрите во врска со Друштвото на писателите на Македонија кое опстојува веќе 76 години.
„Раководствата се менливи и минливи, а за избор на тела и органи постои јавна, легална и правна регулатива“, додава тој.
Тој денеска не одговори на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК кој го уценувал.
Петрески беше избран на оваа функција во мај 2022. Минатата недела, осум од девет члена на Претседателството на ДПМ поднесоа оставки: Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска , Александра Јуруковска и Бранко Цветкоски.
Во реакцијата на Претседателството по оставките на членовите, стоеше дека пополнувањето на испразнетите места со нови членови во Претседателството на Друштвото се вршело и се врши според листата на добиените гласови на Изборното собрание на Друштвото.
Но, дел од членовите бараат да се свика Собрание на ДПМ и да се избере ново раководство.
„Ние, македонските писатели, нема да дозволиме да продолжат обидите за држење во заложништво на Друштвото на писателите на Македонија! По кусото и неконцизно обраќање на претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска, јавно ја повикуваме веднаш да престане со манипулациите! За Вонредното изборно собрание закажано за 25 ноември 2023 година, мора да се распишат избори за: претседател на Друштвото, претседател на Собранието, членови на Претседателството и членови на другите тела на ДПМ. Секакво подигрување без да се распишат избори за сите раководни позиции и за членови во другите органи во ДПМ ќе претставува обид за продолжување со самоволието и насилието, кои му го одзедоа достоинството на ДПМ. Македонскиот писател мора да го искаже својот став! На ДПМ му треба систем од вредности!“, реагираат група писатели на социјалните мрежи.
Меѓу еминентните писатели кои реагираа на социјалните мрежи е и академик Катица Ќулавкова, која му вели на Петрески да си го зачува достоинството, личниот интегритет, да покаже малку морал и дека јавниот интерес му е поважен од личниот.
Б. НЕСТОРОСКА