Дури 210 интервенции на Одделението за ортопедија имало од 20 декември до денес, а на Инфективното одделение дневно по стотина пациенти. Повеќемина битолчани ја започнаа годината со скршеници на рацете и нозете, а други заразени од грип и вируси.
Како што изјавија од болницата во Битола, од 20 декември до денес на Одделението за ортопедија имало 210 интервенции кај пациенти со набиеници, исчашувања, скршеници. Зголемена фреквенција на пациенти била забележана по паѓањето на снегот, па наваму. Од пациентите 20 биле хоспитализирани, а имало и операции на колкови и подколеници.
Поголемиот дел од сообраќајниците во Битола се подмрзнати поради ниските температури. Надлежните пред да падне снегот се пофалија дека се спремни да го исчистат градот, но на повеќето улици тој е натапкан и ниските температури го подмрзнаа, па движењето е отежнато. Тротоарите не се расчистени и не е мал бројот на битолчани кои се лизнале и повредиле.
Врие од пациенти и на Инфективното одделение, каде претежно се јавуваат битолчани заразени од грип. Грипот зеде замав посебно кај децата. На Детското одделение дневно се прегледуваат по 70 до 90 деца. Воедно, со пациенти заболени од грип и настинки деновиве беа полни и амбулантите на матичните лекари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА