РАБОТИМЕ ДА БИДАТ ПРИЗНАЕНИ ЗА АВТОХТОНИ РАСИ КОКОШКАТА „МАКЕДОНСКА ЏИНКА“ И УШТЕ СЕДУМ УКРАСНИ ПТИЦИ, ВЕЛАТ ОДГЛЕДУВАЧИТЕ

    РАБОТИМЕ ДА БИДАТ ПРИЗНАЕНИ ЗА АВТОХТОНИ РАСИ КОКОШКАТА „МАКЕДОНСКА ЏИНКА“ И УШТЕ СЕДУМ УКРАСНИ ПТИЦИ, ВЕЛАТ ОДГЛЕДУВАЧИТЕВаско Илиевски со „македонска џинка“, стара раса кокошки која одгледувачите сакаат да ја стандардизираат и да се патентира нејзиниот изглед. (Фото: СДК.МК)

    Во дворот на Ванчо Илиевски во тетовското село Непроштено има несекојдневна глетка, педесетина кафези, а во нив најразновидни украсни птици. Петли и кокошки од најразлични раси, некои со големи опашки, други малечки и ситни, но со прекрасни пердуви, трети со нозете божем облечени со чорапи, а гулабите кој од кој поубав. Сите си ја пеат својата песна, како да се свесни за својата убавина.

    Оваа мала изложба на украсни птици, всушност, беше дел од првиот едукативен семинар за професионално одгледување украсни птици во организација на Македонскиот сојуз на здруженија одгледувачи на украсни птици и ситни животни, а домаќин беше Здружението „Дијамантски петел“ од Тетово. На семинарот се собраа дваесетина одгледувачи од неколку градови и места од Македонија, за да се запознаат како попрофесионално да ги одгледуваат украсните птици и да се добијат автохтони раси кои, откако ќе ги задоволат многу строгите критериуми и стандарди, ќе можат да бидат признаени и во меѓународни рамки.

    „Персиски мʼсарка“, гулаби кои не потекнуваат од Македонија туку се увезени, но со текот на времето се одомаќени кај нас и може да се најдат само во земјава. (Фото: СДК.МК)

    „Кај нас има многу одгледувачи на украсни птици, но проблемот е што одгледувачите не пазат на стандардите при нивното одгледување, па најголемиот дел од нив си тераат по свое, и кој како што знае и умее. На таков начин не може да се добие квалитет. Затоа, со овој едукативен семинар сакаме овие одгледувачи на украсни птици да ги едуцираме како одгледувањето да го подигнат на повисоко ниво. Она што секој сериозен одгледувач на украсни птици треба да го знае е дека секоја раса си има свој стандард, односно како до перфекција треба да изгледа птицата. На пример, не треба да гледаме кокошката да биде за нас убава, туку ако е одредена раса треба да ги има сите обележја кои се одредени според европски стандарди, тоа е најбитното“, вели Ванчо Илиевски, претседател на Здружението „Дијамантски петел“.

    Беадин Муареми од село тетовското село Порој со петел од германската висококвалитетна раса „федерфист“. (Фото: СДК.МК)

    Македонските одгледувачи успеаја, после години напорна и стручна работа, да го стандардизираат и заштитат на европско ниво гулабот „македонски вртач дунек“ како автохтона македонска раса. Но, тука не застанува работата, во тек се активности за стандардизација и на уште седум-осум раси кокошки и гулаби.

    „Ние ја имаме расата ‘македонска џинка’, стара раса кокошки која сакаме да ја стандардизираме и да се патентира нејзиниот изглед, но за да го постигнеме тоа имаме уште многу работа. Честопати добиваме невоедначени резултати, не секогаш имаат иста боја, некои се со пердуви на нозете, или гаќи како ги викаме, а некои немаат. Сега ги одредивме стандардите како оваа раса треба да изгледа и работиме на тоа секогаш да се добиваат исти резултати. Само така оваа домашна раса кокошки ќе може да биде меѓународно признаена“, вели Илиевски.

    Една од расите на која нашите одгледувачи интензивно работат за нејзина стандардизација е „тетовскиот краткоклун гулаб“.

    „Ова е тетовска раса гулаб. Застапена е најмногу во Тетово, а во Македонија послабо ја има. Јас имам 15 парови од овој вид гулаби. Негова карактеристика е ‘ружата’ од пердуви што ја има на вратот и тоа е негова уникатна карактеристика. Ситен е по градба и е босоног, односно нема пердуви или ‘гаќи’ на нозете. Неговото око е жолто, а клунот треба да му биде според одреден стандард. На опашката треба да има десетина пердуви. Имаме и отпечатено материјал како треба да изгледа овој вид гулаб, тоа сега треба да го преведеме и на англиски јазик и да направиме промоција на оваа наша раса гулаби“, вели Дончо Марковски, одгледувач на птици од Брвеница.

    Љупчо Балкански од Скопје е одгледувач на таканаречените „персиски мʼсарки“, гулаби кои не потекнуваат од Македонија туку се увезени, но со текот на времето се одомаќени кај нас и може да се најдат само во Македонија.

    „Овој раса гулаби е донесена од Персија, најверојатно Турците ја донеле овде кај нас пред многу векови. Тоа е многу благородна птица и пред сè е украсна птица која е многу приврзана за својот дом и ретко може да се случи да отиде во туѓ двор или ќумез. Постои голема опасност оваа птица да исчезне на овие простори, бидејќи на прсти можеш да ги изброиш оние кои чуваат овој вид гулаб. Најчесто, одгледувачите чуваат по еден или по два гулаби од оваа раса, а јас ги имам 50. Сега работиме и на нејзина стандардизација со цел да биде признаена како автохтона македонска птица, бидејќи таа е одомаќена на овие простори и ја нема на друго места“, вели Балкански.

    Мала изложба на украсни птици беше дел од првиот едукативен семинар за професионално одгледување украсни птици. (Фото: СДК.МК)

    Некои одгледувачи професионално ѝ приоѓаат на оваа дејност, а други тоа го прават од чисто задоволство. Таков одгледувач на украсни птици е Беадин Муареми од село тетовското село Порој, во чиј двор има над шеесетина кокошки од извонреден квалитет.

    „Ова е петел од германската висококвалитетна раса ‘федерфист’. Станува збор за светски призната раса и е застапена во многу земји. Овие кокошки ги одгледувам за мое лично задоволство. Ова е многу убава раса. Вистинско задоволство е кога ќе го видам мојот двор полн со овие кокошки и затоа не ги продавам“, вели Муареми.

    Во последниве петнаесетина години, одгледувачите на украсни птици направија голем напредок во своето организирање. Се направија повеќе здруженија во градовите и местата ширум Македонија, во 2014 се формира Сојуз на здруженија на одгледувачи на расни птици и ситни животни, а овој Сојуз во 2022 стана полноправен член на Европскиот сојуз на одгледувачи на расни птици.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира