Швајцарија сврте на десно на парламентарните избори денеска, откако грижите на граѓаните околу миграцијата ги засенија стравовите околу климатските промени. Десничарската Швајцарска народна партија (СВП) го зголеми процентот на освоени гласови на 29%, што е 3,4% повеќе од претходните избори во 2019 година, според конечната проекција на националната телевизија СРФ.
Кампањата на СВП се базираше на ветување да се спречи зголемување на населението во земјата, кое сега брои 8,7 милиони, на над 10 милиони.
„Имаме проблеми со имиграцијата, илегалните имигранти, и проблеми со снабдувањето со енергија. Веќе имаме хаос со доделувањето азил. Население од 10 милиони во Швајцарија е прашање кое мораме да го решиме“, кажа лидерот на СВП Марко Киеза.
СВП се очекува да има 61 пратеник во 200-члениот парламент, каде што ниту една партија нема мнозинство. За споредба, Зелените освоија 4% помалку гласови од претходните избори и паднаа на 9% и загубија шест места во парламентот.
Исходот од денешните избори нема многу да промени во швајцарската влада, бидејќи седумте министерски места се поделени меѓу најголемите 4 партии, според нивниот удел во гласовите на изборите.
Дополнително, најважните прашања во Швајцарија се решаваат на референдуми.
.