Националната опера и балет (НОБ) доби концертен клавир од брендот „петроф“, донација од Чешката амбасада во Македонија. Донацијата вечерва ја предаде Зузана Петрофова, директорка на чешката фабрика за концертни пијана „Петроф“ и внука на основачот, на денот кога се прославува Националниот ден на Чешка.
Директорот на НОБ Васко Ристов ни рече дека идејата за донацијата е од Амбасадата и амбасадорот Јарослав Лудва.
„Овој прекрасен гест од Амбасадата на Република Чешка и компанијата ‘Петроф’ со својот претставник Зузана Петрофова го одбележуваме со концерт за пијано“, вели Ристов.
Тој рече дека Националната опера и балет ќе си го користи концертниот клавир според потребите за репертоарот.
По официјалното примопредавање на клавирот, пијано концерт одржаа чешките пијанистки Ема Једличка Гогова и Ина Асламас од Дуото Асламас – Гогова.
Б. НЕСТОРОСКА